Превртени, згмечени изгорени автомобили, 5 загинати и над 30 повредени лица е билансот од страшната сообраќајна несреќа која утрово се случи на автопатот во близина на грчкиот град Верија. Камион од Романија, со огромна брзина удрил во над 30 автомобили и 3 камиони паркирани поради застој во сообраќајот. Како детски играчки автомобилите летале од силниот удар, а кусо подоцна камионот се запалил, јавува дописничката на Канал 5 од Грција. Очевидци за Канал 5 раскажуваат за трагедијата.
-На ретровизорот видов дека доаѓа камион и сите автомобили, летаа лево и десно. Камионот се запали и сите викаа и плачеа.
-Застанавме бидејќи работеа на патот, излеговме од автомобилите и доаѓа од горе еден камион и собира се.
-Помина над автомобилите? Над автомобилите, до автомобилите, некои ги преврти, некои ги згмечи. Меѓу автомобилите имаше луѓе.
И покрај предупредувачките сигнали, камионот не застанал, продолжил без воопшто да закочи и директно удрил во 35те автомобили кои поради работа на патот чекале во ред. Бројот на жртвите ќе бил многу поголем, доколку луѓето поради застојот кој траел подолго време не биле излезени од своите автомобили. Некои успеале за влакно да побегнат претрчувајќи од другата страна на автопатот.
Според првичните информации и исказот од романскиот камионџија кој ја предизвика несреќата а веднаш беше уапсен, имал проблеми со сопирачките, кои му откажале и цели 23 километри возел без да може да го сопре камионот. Поради континуираните обиди, имало триење на гумите што и веројатно било причина веднаш по ударот да се запали.
Според очевидците еден од загинатите изгорел жив, во пламен излегол од автомобилот, но никој не можел да му помогне. Петтата жртва од страшниот карамбол доцна вечерва им подлегна на повредите во болницата во која што се пренесени сите повредени, а меѓу нив и деца, од кои две, 16 и 18 месечни се во критична состојба.