Повеќе можности за вработување на Ромите за нивна поголема социјална вклученост


По повод Меѓународниот ден на Ромите, Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) промовираше публикација со 10 инспиративни приказни од жени и мажи Роми, кои успеаја да обезбедат сигурна иднина преку вработување, времен работен ангажман, практиканство или создавање сопствен бизнис.

Според УНДП, постојаната висока стапка на невработеност е една од главните причини поради која Ромите се соочуваат со многу поголем ризик од сиромаштија од останатите етнички заедници. Ромите тешко наоѓаат работа на пазарот на трудот бидејќи често имаат недоволни образовни квалификации, но и поради предрасудите од страна на потенцијални работодавачи.romi

Благодарејќи на двегодишен проект, финансиран од Швајцарската агенција за развој и соработка во вредност од 370.000 американски долари, УНДП помогна да се воведат услуги за менторство и мониторинг за Ромите кои што бараат работа. Проектот покажа дека се работи за успешна иницијатива за надминување на клучните пречки со кои се соочуваат Ромите и другите лица кои се на ризик од социјална исклученост, бидејќи овозможува полесен пристап до услугите за вработување и влегување на пазарот на трудот.

– Резултатите се импресивни. Во 2015 година, повеќе од 1.000 Роми се информираа и добиваа совети, препораки и насоки околу можностите за вработување и стекнување на работно искуство. После само неколку месеци менторирање, 176 од нив најдоа работа (42 отсто млади и 41 процент жени). Последните анкети укажуваат дека Ромите се се уште во категорија на високо ранливо население. Треба да се вложат дополнителни напори за креирање на уште повеќе можности за подобро образование, вработување и приход, како и пристап до подобро живеалиште и социјални услуги за сите Роми, наведува УНДП.

Статистиките покажуваат дека општата стапка на невработеност е 25,5 отсто, но се проценува дека за Ромите таа изнесува 75 проценти, Ромите, особено жените Ромки, се помалку вработувани и помалку платени за слични работни места, младите лица кои не се Роми, а се на возраст од 20-24 години имаат 10 пати повеќе можности да се образуваат споредбено со младите Роми на иста возраст, а скоро 20 отсто од ромските домаќинства не можат да си дозволат основни медицински услуги.

– Идејата ни беше да тестираме нови начини за создавање можности за вработување преку помагање на невработените жени и мажи Роми да се стекнат со основни образовни квалификации и создавање на можности за бизнис старт-апи, субвенционирано вработување и општествено корисна работа. Нашите услуги за тренинг и менторство доведоа до значителни резултати: повеќе Роми успешно се вклучија на на пазарот на трудот само за една година, отколку во сите изминати седум години, вели постојаниот претставник на УНДП Луиза Винтон.

Овој пристап првично беше пилотиран во четири општини во 2014 година, а потоа проширен во уште 12 општини во 2015 година. Успешноста на пилот програмата доведе до вклучување на овие мерки во националната годишна оперативна програма за вработување. Годинава, Владата ги направи достапни овие услуги и за други ранливи категории на население.

Сите услуги за тренинг и менторство се развиени во соработка со Министерството за труд и социјална политика, Агенцијата за вработување, ромските информативни центри, општините и невладиниот сектор.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1