Повеќе од 200 жени ослободени од Боко Харам се бремени


Најмалку 214 млади жени и девојки кои изминатите денови во североисточна Нигерија беа ослободени од исламистичкото движење Боко Харам се бремени, објави во понеделникот Фондацијата за популации при Обединетите нации (UNFPA).

„Повеќето од жените сега минуваат различни прегледи за зарази, инфекции, вклучително и тест на ХИВ/СИДА“, изјави за нигериската новинска агенција извршниот директор на UNFPA за Нигерија, Бабатунде Ошотимених, пренесува AFP.zeni boko haram kidnap

Нигериската војска измината седмица ослободи речиси 700 млади жени, девојчиња и деца од различни логори во коишто заточени ги држеа исламистите од Боко Харам. Ова движење често грабнува млади девојки кои ги принудува да минат на исламот или да го прифатат нивното толкување на религијата, ги мажат за своите борци или ги држат како робинки или, пак, ги продаваат.

Ниту за една од ослободените девојки не е утврдено дека припаѓале на групата којашто беше грабната од градот Чибока. На 14-ти април 2014 година исламистите од Боко Харам грабнаа 276 ученички од местото Чибок во северна Нигерија. По неколку месеци некои успеаја да побегнат, но за судбината на уште 219 девојчиња ништо не се знае.

Нигериските војници во понеделникот откриле уште 260 жени во зафрленото место Чалава во сојузната држава Адамава. Тие им побегнале на терористите, рекол за Reuters воениот портпарол Крис Олуколаде.

Повеќето од овие жени потекнуваат од блиското место Мадагали и соседните села, додал. Некои од нив биле грабнати па побегнале од логорот на Боко Харам, додека други биле во бегство пред исламистите коишто неколку седмици го напаѓаа Мадагали.

Движењето Боко Харам („Западното образование е грев“ од превод на локалниот јазик хауса), има намера да создаде исламски калифат во североисточна Нигерија во кој ќе ги спроведува неговото толкување на строгите прописи од шеријатот, односно исламското право.

Share Button
MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1