Повеќето од жртвите во Истанбул се германски државјани


Девет од десетте луѓе загинати во терористичкиот напад од вторникот во Истанбул се германски државјани, пренесуваат медиумите повикувајќи се на извори во кабинетот на турскиот премиер Ахмет Давутоглу, додека осуди пристигнуваат од сите страни на светот а истрагата се концентрира на ткн „сириска трага“.istambul-teroristicki

Според изворите од кабинетот на турскиот премиер Ахмет Давутоглу, тој ѝ се јавил на германската канцеларка Ангела Меркел и ѝ соопштил дека повеќето жртви во нападот на плоштадот Султанахмет се германски државјани, пренесува агенцијата Reuters. Турскиот премиер, исто така, рекол дека турските разузнавачки служби со своите германски колеги ќе ги споделат сите информации за терористичкиот напад за кој се верува дека го извршил бомбаш Самоубиец од Сирија.

Во меѓувреме норвешкото министерство за надворешни работи потврди дека во експлозијата е поведени еден Норвежанец, кој е згрижен во болница во Истанбул. „Повредите не се опасни по животот“, изјави портпаролот на норвешката дипломатија Гури Солбер, пренесе AFP.

„За жал, во експлозијата загинаа десет луѓе. Повеќето од нив се странци. Во моментов имаме 15 повредени, од кои двајца се во критична состојба. На местото се најдени останки од телото на самоубиецот. Како резултат на прецизна анализа утврдено е дека тоа бил Сириец роден 1988 година. Се оди истрага за негова поврзаност со други терористи“, изјавил турскиот вицепремиер Нуман Куртулмуш, пренесува агенцијата Dogan.

Во врска со експлозијата во вторникот претпладнето во центарот на Истанбул, на плоштадот Султанахмет, кој е често посетуван од туристите бидејќи е во близина на двете големи знаменитости Аја Софија и Сината џамија, турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, исто така, изјави дека за нападот е осомничен сириски бомбаш самоубиец.

„Го осудувам терористичкиот напад во Истанбул за кој се оценува дека го извел бомбаш самоубиец со сириско потекло. За жал десет лица се убиени, вклучително и странци и турски државјани. Има и 15 ранети“, изјави Ердоган во говорот на странските амбасадори кој директно го пренесуваше телевизијата TRT.

Турски функционери соопштија дека е голема веројатноста дека нападот го извеле припадници на сунитската џихадистичка организација Исламска држава.

„Турција е првата цел на сите терористички групи во регионот, и еднакво се бори против сите нив“, рече Ердоган.

Владата издаде привремена забрана за прикажување сцени од местото на експлозијата на Плоштадот Султанахмет, поради што ниедна од големите телевизиски куќи не пренесува кадри од местото на нападот.

Европската унија и НАТО остро го осудија овој терористички напад и изразија солидарност со Турција.

„Европската унија и Турција се обединети против сите форми на тероризмот. Борбата против тероризмот е препознаена како приоритет на самитот ЕУ – Турција одржан на 29-ти ноември 2015 година и ние мораме да ги јакнеме нашите напори во тој поглед, согласно нашите обврски според меѓународното право, вклучително и човековите права и хуманитарните закони“, се вели во заедничката изјава на високата претставничка на ЕУ за надворешна политика Федерика Магерини и на комесарот за соседска политика и проширување Јоханес Хан/

„Силно го осудуваме денешниот брутален терористички напад во строгиот центар на туристички кварт на Истанбул. Не може да има оправдување за вакви напади. Сите сојузници во НАТО се обединети против сите облици на тероризмот“, изјави генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг.

Експлозијата се случи ден откако турските власти објавија за сириското потекло на вториот бомбаш самоубиец од нападот врз опозициски прокурдски и левичарски активисти изведен на 10-ти октомври на главната железничка станица во престолнината Анкара, во кој загинаа 103 лица. И овој, најкрвав терористички напад во историјата изведен на турска територија, ѝ се припишува на Исламската држава.

Експлозијата во Истанбул, за која очевидци велат дека била многу силна и се слушнала до плоштадот Таксим неколку километри подалеку, се случи малку по 10 часот на просторот од поранешниот хиподром во близина на двата славни храма. Првите фотографии од местото на нападот во медиумите прикажуваат неколку распарчени тели на пространиот плоштад.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1