Седумгодишното дете, чии родители загинаа, a кое беше повредено во сообраќајната несреќа што се случи утринава кај Удово е во критична состојба, а во несреќата тешко повредена е и германска државјaнка, сопатничка во трето возило коешто учествувало во сообраќајката.
Според информациите од Oсновнoто јавно обвинителство Гевгелија, несреќата се случила на магистралниот пат Демир Капија – Удово, кај месноста Света Петка кога се судриле автомобил марка „ауди А4“ со германски регистерски таблици, управуван од четириесет и шестгодишен српски државјанин, автобус на „Струмица експрес“ и автомобил „фиат сеиченто“ со скопски регистерски таблици упавуван од четириесет и едногодишен скопјанец.
Во сообраќајката загинаа возачот на „фиатот“ и неговата триесет и двегодишна сопруга, додека нивниот син е повреден и во критична состојба е пренесен на скопските клиники.
Повредена е и сопатничката во „аудито“, германска државјанка, која со потешки повреди е задржана во Општата болница во Велес. Се работи на утврдување на околностите под кои се случила сообраќајната несреќа.
„Возачот на „аудито“, државјанин на Србија, е задржан. Надлежен јавен обвинител веднаш издаде наредба за обдукција на телата на починатите лица, како и наредба за технички преглед на автомобилот „ауди“ и на автобусот. Истовремено, земени се примероци од крв и урина на возачите, кои се ќе анализираат. Дополнително, се вршат разговори со сите инволвирани, со патниците од автобусот, како и со возачи-очевидци на сообраќајната несреќа“, соопштуваат од Обвинителството.