Екипи на охридската Територијална противпожарна служба денеска гасеа два поголеми пожари, едниот во населбата Рача, а другиот во шума на потегот меѓу селата Вапила и Расино. Во Рача гореше шупа полна со отпад. Според информациите на командирот на Територијалната противпожарна единица Спасе Прентоски, пожарот бил пријавен во 17:10 часот, по што дежурна екипа веднаш излегла на терен.
– Се работи за шупа изградена како цврста градба, која беше преполна со отпад. Веднаш по пријавата, противпожарната единица се упати на местото каде што излегуваа пламените јазици и пожарот е изгаснат. Нема човечки жртви, но е причинета материјална штета, изјави Прентоски. Тој додаде дека претходно пожарникарска екипа интервенирала и во шума во атарот на охридските села Вапила и Расино каде избувнал пожар на шумската вегетација.
Според Прентоски, тој пожар се ширел во шумскиот дел меѓу селата Вапила и Расино, а бил пријавен околу пладне. Опожарена била ниска вегетација, но интервнецијата била отежната поради непристапниот терен. Независно околностите пожарот е локализиран, ставен под контрола.