Рано утринава од засега се уште неутврдени причини, избувна пожар во холот на Трговскиот центар во Штип. Целосно изгореа тезгите, а големи штети имаат сите дуќани во овој дел на најголемиот трговски објект во градот.
45 минути траеле интервенцијата на Противпожарната единица, која со брзата интервенција спречила поголема катастрофа. Во холот беа сместени над 30 импровизирани тезги, кои не беа по сите стандарди.
„Добивме повик од полицијата околу 4 часот, и веднаш, со две возила, се упативме кон Трговскиот центар. Имаше голем пламен затоа што тезгите биле полни со картони. Пламенот зафати и дел од пластичната покривна конструкција, која буквално се стопи од високата температура. За неполн час го локализиравме пожарот. Успеавме барем да ги спасиме бутиците и дуќаните наоколу”, вели командирот на Штипската противпожарна единица Кире Патраклиски.
Многу пати имаше обиди за дислокација во други делови на градот, но сите беа безуспешни.
Најпогодени од пожарот се сопствениците на тезгите, за кои услови за работа ќе нема подолг период. За среќа нема повредени во огнената стихија која утринава го зафати Трговскиот центар во Штип.
Видео – тв Ирис