Ноќеска, во 1 часот по полноќ е локализиран пожарот кај велешкото езеро „Младост“. Во моментов се работи на негово целосно гаснење.
Како што информира денеска Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), пожарот избувна вчера во 14.15 часот и зафати насади од борова шума и се ширеше со голем интензитет.
Во гаснењето биле ангажирани вработени и два авиона на Дирекцијата за заштита и спасување, 10 лица од ТППЕ Велес, четири лица од Шумско Стопанство и други субјекти.
Локализиран е пожарот, но не и целосно изгаснат во општина Студеничани, кај селата Елово и Осинчани. Во пожарот, кој избувна вчера, гори мешана шума.
Вчера таму беше ангажиран еден авион на Дирекцијата за заштита и спасување, 21 припадник на силите за заштита и спасување и ТППЕ-Скопје.
Утрово е регистриран пожар кај село Дејковец, општина Зелениково, каде што гори мешана шума. Во гаснење на пожарот учествуваат два авиони на ДЗС и повеќе припадници на „Македонски шуми“ и месното население.