Околу четири хектари борова шума изгореа во пожар кој избувнал вчера околку 18:30 часот над липковското село Слупчане, соопшти денеска РЦУК.
Поради непристапниот терен екипите на ТППЕ Куманово не можеле да интеревенираат, информира во дневниот билтен Регионалниот Центар за управување со кризи – Куманово.
– Пожарот целосно е изгаснат околу 22:00 часот од страна на петмина вработени од „Македонски шуми“, изјави денеска, директорот на кумановската подружница на ЈП „Македонски Шуми“, Ваит Саити. Тој нагласи дека и лани над Слупчане гореше борова шума, но на спротивна локација од сегашната.
Причината за настанување на пожарот и предизвиканата материјална штета засега не се познати.
Пожар уништи вкупно десет хектари шума во Кривопаланечкото село Луке. Изгореа по неколку хектари бор, бука, багрем и нискостеблести растенија, како и мала површина трева.
Според информациите од Територијалната противпожарна единица во Крива Паланка, ова е четвртти пожар во истиот реон за само 20 дена.
– Пожарот настанал на први април, околу 10 часот, по што екипа од нашата противпожарна единица, едно возило и четири пожарникари, како и екипа од Јавното претпријатие „Македонски шуми“, Подрачно шумско сотопанство „Осогово“ Крива Паланка со петмина вработени на терен го гаснеа пожарот речиси пет часа, а е ликвидиран вчера вечер. Ова е четвртти пожар кој настанал на локацијата кај црквата Св.Петка во село Луке и месноста „Самар“, информира Иле Коцевски, командир на ТППЕ, Крива Паланка.
Тој нагласи дека според пожарникарите кои учествувале во гасењето, пожарот настанал со палење на пет различни локации, поради што, како што рече, се јавува сомнеж дека можеби станува збор за нов пироман во општината.
– Првично запалените пет места поради близината се соединиле во еден голем пожар. Теренот е стрмен и исклучително тешко се пристапува, постои еден пристап за возило и тоа близу црквата. Изгорени се три хектари бор, два хектари бука, два багрем и трева и три хектари нискостеблеста шума, додаде Коцевски.
Известена е полицијата, а причините за настанување на пожарот дополнително ќе се утврдуваат. Инаку, како и во овој случај, и последните неколку пожари во месец март се случиле на отворен простор.