Маглата, карактеристична и актуелна во зинскиот период, особено по котлините и речните долини, е еден од природните фактори што има негативно влијание врз безбедноста на сообраќајот на патиштата. Според законските прописи се смета дека маглата е присутна ако поради нејзиното влијание возачот не може јасно да ги воочи другите учесници во сообраќајот на оддалеченост од најмалку 200 метри на пат надвор од населба и најмалку 100 метри во населено место, пренесува Скопје Инфо.
Според законските прописи, како и според практичните искуства, управување на возило во услови на магла на пат се врши успешно и безбедно според правилата:
• Во магла возачот на моторно возило задолжително треба да ги има запалено соборените светла за осветлување на патот или светлата за магла или двете светла истовремено. Треба да се има во предвид дека посебните светла за магла за возилата не се задолжителни, но можат да бидат вградени, и тоа од предната страна со бела боја или жолта боја, а задната страна со црвена боја.
Доколку се вградени, овие светла во услови на магла пожелно е да се употребуваат, но и во случај на намалена видливост, а кога нема магла нивната употреба – не е дозволена. Употребата на позиционите светла во услови на магла, не само што е погрешно од безбедносни причини бидејќи е слабо и нема никаква ефикасност, туку е и во спротивност на законската одредба, бидејќи овие светла служат за одбележување на возилото во услови кога е запрено или паркирано на дел од коловозот.
Возачот кој за време на магла не ги употребува пропишаните светла или пропишаните светла ги употребува на непрописен начин, одговара за прекршок за кој е пропишана глоба од 35 евра во денарска противвредност во мандатна постапка, односно ќе му се регистрираат 20 негативни бодови согласно одредбите на законот.
• Брзината на движењето на возилото се намалува, односно се приспособува според должината на видното поле што го има возачот, според оддалеченоста потребна за држење на потребното растојание меѓу возилата кога се движат во колона, како и според должината на патот што е потребен за безбедно запирање на возилото.
Доколку на сув коловоз, рамен и прав пат должината на видното поле на возачот изнесува околу 50 m, тогаш, брзината на движењето на возилото може да изнесува околу 50 km/h (според правилото: 10 m видно поле = 10 km/h). Меѓутоа, доклку должината на видното поле е помала од 50 m или коловозот е лизгав од поледица, голомразица и сл. или другите услови и состојби на патот се неповолни (кривина, оштетен коловоз, опасна надолнина, тесен коловоз, раскрсница, пешачки премин и сл.), тогаш брзината се намалува на 40, 30, или 20 km/h, односно се приспособува според присутните услови на патот.
• Кога возилото се движи во колона со други возила, растојанието меѓу возилата се зголемува и приспособува според должината на видното поле и потребниот слободен простор пред возилото, односно патот што е потребен за безбедно запирање на возилото во случај на пречка или опасност, што зависи од густината на маглата.
Должината на видното поле може да се оцени ориентационо според должината на светлосниот сноп на собореното светло на возилото што може да изнесува од 80 до 100 метри, или на светлото за магла чии светлосен сноп не е подолг од 35 метри.
За ориентација на коловозот на патот и за оддалеченоста од возилото пред себе, се користат со следење на позиционите и „стоп“ светлата на возилата кои се движат во колона (препорачливо е да се следи возилото пред себе, но со одржување на безбедно растојание) и светлосните ознаки со кои се означуваат рабовите на коловозот на пат надвор од населба (насочувачи) што се поставуваат на секои 50 m од десната страна со црвена, а од левата страна со бела боја.
• Не се врши запирање на возилото на коловозот, бидејќи постои опасност од налетување и удар од друго возило кое се движи во иста насока. Доколку возачот има некоја потреба, запирањето треба да го врши само надвор од коловозот на безбедно место. Доколку пак возачот е принуден да го запре возилото на коловозот поради некоја опасност или пречка на сообраќајот (застој на сообраќајот, сообраќајна незгода, одрон и сл.), веднаш по запирањето возачот и патниците во него треба да го напуштат возилото (постои голема опасност од удар од друго возило во него, како и од верижен судир на повеќе возила) и да се преземат мерки за негово обележување.
• Не се врши престигнување и обиколување на возила, бидејќи постои опасност од директен судир со возило кое се движи од спротивната насока. Ако во услови на густа магла се врши престигнување, тогаш се оди со висок ризик и со голема вероватност да се предизвика сообраќајна незгода со тешки последици.
По исклучок постои можност за престигнување во услови на магла ако возачот со сигурност се увери дека постои потребна должина на прегледност (во услови на слаба густина на маглата), и кога се исполнети другите услови (снага за забрзување на возилото, уреден товар и сл.), што гарантира престигнувањето на возилото пред себе да го извржи доволно брзо и безбедно.
• Доколку густата магла е проследена со поледица на коловозот и се задржува подолго време на патиштата, не е препорачливо без особени потреби да се патува на подолг пат ноќе, како и во вечерните и во утринските часови.
Скопје Инфо