Со скопјанецот, кој за потребите на овој прилог ќе го наречеме Дарко, иако тоа не е неговото вистинско име, се сретнавме доцна навечер во една од населбите во главниот град, вака телевизија Телма ја започнува сторијата за правењето масло од канабис кое се повеќе болни го бараат и користат. Неговите лековити својства во некои земји се легални и дозволени, кај нас се уште НЕ..
Еве ја приказната на Телма
Локацијата на која го подготвуваше маслото од канабис не ни ја кажа се` до договореното време за снимање. Стануваше збор за стан на едно од лицата, на кои Дарко им подготвува масло за да ги третираат своите болести.
Процесот на подготовка на маслото траеше околу шест часа, време за кое Дарко доби барем пет повици од луѓе кои или веќе користат медицинска марихуана или бараа совети од него како да го употребуваат маслото за соодветна индикација.
Според него, смешно е што воопшто се дебатира дали да се легализира неговата употреба.
– Пред неколку години никој не знаеше, сега сите знаат, а се прават дека не знаат. Затоа ви кажувам дека е многу смешно или глупаво, бидејќи сето ова личи на една огромна фарса. Тие луѓе што јавно го забрануваат, приватно го користат. Ова ви го тврдам – вели “Дарко”.
Дарко почнал да произведува масло од канабис пред четири години. Прво учел читајќи на интернет, но како што вели, техниката ја усовршил кога во странство имал средби со луѓе, кои со години се занимаваат со производство на медицинска марихуана.
Признава дека на „црниот“ пазар во земјава има многу неквалитетни масла, кои не само што не им помагаат на болните туку може и да им направат штета.
Причина за тоа е што дел од производителите сакаат да направат „брзи пари“ и мислат дека процесот се учи со гледање видео.
– Тоа ви е исто како на некој да му дадете да научи да вози следејќи инструкции на јутјуб. Да му кажете да го сврти клучот, да стисне кумплунг и да стави во прва брзина. Така ако може некој да научи да вози… од прилика исто е и со канабисот, подвлекува “Дарко”.
Ова, смета Дарко, е причина плус да се дозволи широка употреба на маслото од канабис, кое според неговото искуство, се покажало како ефикасно кај голем број заболувања.
– Мислам дека секое домаќинство во домашната аптека треба да има и еден шприц од 10 милилитри масло за секој случај, како прва помош, со оглед на тоа што се користи за изгореници, за рани, за убоди од инсекти.
Да имаше нешто штетно во марихуаната, со овие слики и со ваква пропаганда ќе бевме преплавени насекаде, оценува “Дарко”.
Една неодамнешна анкета покажа дека 70 отсто од македонските граѓани се за легализација на марихуаната за медицински цели.
Според најавите, тоа би требало да се случи до месец Март, но на неколкуте јавни дебати докторската фела и граѓанскиот сектор имаа сосема различни ставови во однос на законските измени.
Видеото погледнете го на – ТЕЛМА.МК