Пред 59 години ЦИА открила ураниум во Македонија – го има во Пробиштип, Радовиш и Струмица


Една од најважните функции на американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА) не е теренското шпионирање и регрутирање агенти низ светот, туку собирање податоци за рудните и енергетските богатства на земјите во светот и инфраструктурата и индустриските капацитети за нивно искористување. Македонија не е исклучок, и ЦИА постојано врши анализи на македонските ресурси.

Една од овие процени, од октомври 1955 година, била заведена како таен документ во архивите на ЦИА, и во неа се наведува дека Македонија располага со ураниум, во близина на границата со Грција.

CIA-logo-500x358– Најбогатите наоѓалишта на ураниумска руда во Југославија се смета дека се во близина на југословенско-грчката граница, во планините јужно од Битола. Рудата се наоѓа во глина која Југословените ја нарекуваат диатомејска глиница (диатомејска земја). Југословените планираат да изградат шесткилометарска жичница до Прилеп, каде што би се отворила постројка за дробење на рудата. Изградбата на оваа жичница се проценува на милион динари, пишува во информацијата која е достапна за јавноста, но откако значителен дел од документот претходно бил избришан.

Овој кус податок е најинтересното сознание од записите за рудните богатства на Македонија кои ЦИА ги има отворено за јавноста. ЦИА го нотирала постоењето на рудникот за злато Дудица кај Демир Kапија, за кој забележува дека германските окупациски сили сакале да го експлоатираат во текот на Втората светска војна, а во времето на Југославија биле извршени пробни копови и се утврдило дека златната жила продолжува до границата со Грција. За рудникот за хром Цер во близината на Kичево записите во архивите на ЦИА се толку детаљни што е забележан не само капацитетот на рудникот и механизацијата со која рудникот располага, туку и имињата на тогашните управители Ристо Влахов и Иван Георгиевски, како и тоа дека германски воен заробеник по име Хојнц работи на одржување на механизацијата во рудникот.

Детални записи за рудникот Цер

CIAДокументот, изработен во 1953 година, не содржи информација дали ЦИА имала некои планови во врска со овој рудник. ЦИА под ознаката доверливо, ги бележела имињата на управителите и на хидроцентралата „Маврово“, како и другите помали енергетски инсталации кои функционирале во 50-тите години во Македонија, како и имињата на раководството на градежната компанија „Бетон“.

Но, информациите за резервите на ураниум во Македонија се од најголем интерес, имајќи ги предвид повремените иницијативи за изградба на нуклеарна централа во Македонија. Објавувањето на тајните документи на американскиот Стејт департмент од страна на „Викиликс“ откри дека американскиот интерес за македонскиот ураниум не завршил во 50-тите години. Во еден од овие документи, подготвени во 2008 година, штотуку пристигнатиот амбасадор Филип Рикер во разговор со премиерот Никола Груевски се интересирал до каде се македонските планови за развој на наоѓалиштата на ураниум. За САД, ова било можност и да се спречи проширувањето на руското влијание во регионот, преку нивните инвестиции во снабдувањето со гас.

И Рикер се интересирал за ураниумот

„Амбасадорот сугерираше тој и премиерот подетаљно да разговараат за македонската енергетска ситуација. Ја разбираме македонската зависност од рускиот гас, но средбите на високо ниво, како посета на Груевски на Москва, не би биле препорачливи, имајќи ја предвид состојбата во Грузија. Премиерот додаде дека Македонија плаќа значително повисока цена за рускиот природен гас во споредба со другите земји во регионот.

uraniumАмбасадорот се интересираше за статусот на потенцијалните рудници за ураниум во Македонија, кои Груевски ги спомна кога неформално се сретнаа во Њујорк. Груевски одговори дека с~ уште се потребни дополнителни истражувања. Доколку се дојде до заклучок дека треба да се оди понатаму со нивна експлоатација, македонската Влада би требало да реши дали тоа да го прави преку државна компанија или да го отвори процесот за приватна конкуренција“, пишува во белешката на американската амбасада од септември 2008 година, која беше објавена во рамките на аферата „Викиликс“.

Во оваа белешка не се наведува каде се наоѓаат овие потенцијални резерви на ураниум на македонска територија, односно дали се работи за истата локација која ЦИА ја имала забележано пред 60 години.

Oткриен ураниум во Пробиштип, Радовиш и во Струмица

Истражувањата на Рударско-геолошкиот завод на Република Македонија спроведени во педесеттите и во шеесеттите години на минатиот век откриле наоѓалишта на ураниум на подрачјето на Пробиштип, Радовиш, Струмица и во Мариово. Но, со технологијата која била достапна тогаш било оценето дека пронајдените количества не биле доволни за комерцијална експлоатација.

uranium makedonijaВо тоа време тогашна СФР Југославија ја спроведуваше нуклеарната програма. Се градеше нуклеарната централа во словенечкиот град Kршко, а имаше планови за изградба на таква централа и во Македонија. Поради тоа, се вршеа сериозни испитувања низ целата држава за можни локации за ископување на овој хемиски елемент неопходен за добивање на нуклеарна енергија и за изработка на атомски бомби.

– Kај нас оваа задача му беше доделена на РГЗ, кој спроведе низа сериозни испитувања на теренот на општините Пробиштип, Радовиш и Струмица. Беа откриени наоѓалиште на ураниум, но не се прејде на експлоатација бидејќи се процени дека нема да биде исплатливо. Подоцна се прекина со испитувањата бидејќи се напушти концептот да се гради нуклеарна централа и во Македонија – вели Тодор Делипетров, професор по геофизика при Факултетот за природни и технички науки во Штип.

Истражувањата за ураниум во Македонија завршиле во 1962 година. Најбогато наоѓалиште било откриено во реонот на Злетовска Река, за кое во 1985 година имало иницијатива повторно да се отвори од тогашниот Извршен совет на СР Македонија во рамките на возобновувањето на нуклеарната програма. Но, подоцна државата се откажала од овој проект, а ова наоѓалиште е потопено со хидроакумулацијата од браната „Kнежево. Според професорот Тодор Серафимовски од штипскиот Факултет за природни и технички науки, ако има интерес с` уште може да се експлоатира наоѓалиштетото во Подареш, кај Радовиш.

Цветин Чилиманов
Дописник на МИА од Вашингтон

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1