Условна шесмесечна затворска казна доби Томислав Лазаров, четвртообвинет во предметот „Насилство во Центар“ на Специjaлното јавно обвинителство.
Тој денеска беше прогласен за виновен за делото и судијката Татјана Михајловa му одреди условна шестмесечна казна затвор која ќе се изврши ако во рок од две години стори кривично дело.
Лазаров пред Судот уште еднаш изрази каење и вети дека нема да стори друго кривично дело, а се откажа и од правото на жалба за висината на казната. Тој рече дека за признанието немал никакви притисоци, ниту од Специјалното јавно обвинителство, ниту од полицијата.
Постапката за Лазаров се водеше одделно бидејќи тој беше единствениот кој ја призна вината, додека сите останати обвинети се изјаснија за невини. Првообвинет е лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, зад него е екс министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиевски, како и поранешната советничка во општинскиот совет во Центар, а сега пратеничка Даниела Рангелова. Вкупниот број на лица опфатени со обвинението на СЈО е 14.
Покрај за Лазаров, посебно судење ќе има за уште еден обвинет кој на минатото рочиште кажа оти нема адвокат, како и дека е болен и не е способен да го следи судењето.
Жерновски во улога на оштетен, исто како и актуелниот градоначалник на Центар, Саша Богадовиќ кој тогаш беше советник, беа присутни на минатото рочиште во судот.
Судењето за овој случај на СЈО треба да продолжи на 29 ноември.