Врз основа на повеќемесечна истрага во рамки на криминалистичката обработка „Удар“, против организирана криминална група од Скопје, Министерството за внатрешни работи до Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе Кривична пријава против 12 лица на возраст од 24 до 60 години, кои беа идентификувани како членови на групата.
Тие се товарат дека подолг период наназад сториле кривични дела “Злосторничко здружување“, “Изнуда“, “Лихварство“, “Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“, “Недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“, “Криумчарење на мигранти“ и„Злоупотреба на службената положба и овластување“.
Денес со наредби за претрес на дом и помошни простории и наредби за приведување, добиени од Судија во претходна постапка, по претходно изработен план за реализација извршени се претреси на 6 локации при што приведени се 11 лица.
-Како главен организатор на оваа криминалната група се товари 48 годишно лице од Студеничани – Скопје, кое заедно со неговиот 7 години постар соработник од Арачиново, ги организирале, договарале и координирале криминалните активности на останатите членови на криминалната група. Криминалната група предводена од нив подолг временски период била инволвирана во бројни криминални активности. Кривичните дела “Лихварство“ и “Изнуда“ двајцата организатори на криминалната група, заедно со тројцата синови на еден од нив, инаку сите од с.Арачиново, ги вршеле на тој начин што давале на заем одредена сума на пари, кои за краток временски период барале да им се вратат со несразмерно големи камати. Наплатата ја вршеле со употреба на сериозни закани со огнено оружје врз лицата должници и членовите на нивните семејства. Во еден од случаите долгот кој го имал таткото на лицето жртва на лихварски долг, криминалната група со серизни закани со огнено оружје барале да го плати неговиот син и од истиот побарувале и наплатиле 75000 евра, иако долгот изнесувал 25000 евра, истакна министерот за внатрешни работи, Митко Чавков.
Во друг случај, лице кое во текот на 2014 година од членови на криминалната група земал позајмица од 500 евра, за еден месец му барале даа им врати 2000 евра. Откако лицето им ги вратило бараните парични средства од страна на членовите на криминалната група, започнал притисок и закани дека тоа се пари само по основ на камати и дека дополнително им должи уште 2500 евра. Притисоците продолжиле континуирано во текот на 2014 и 2015 година, а врз него и неговото семејство упатувани се сериозни закани дека ќе ја запалат нивната куќа и ќе им фрлат бомба. Жртвата на лихварство успеал да им го ислати долгот во износ од 20000 евра, сума која ја побарале членовите на криминалната група.
Дел од членовите на криминалната група, подолг временски период раководени и кординирани од организаторот Демир А., биле инволвирани во криминални активности со криумчарење на мигранти. Истите се идентификувани во два случаи кои се документирани и за истите се поднесени соодветни кривични пријави.
-Во текот на истрагата, беше утврдено и дека организаторот на криминалната група, остварува контакти и со Претседателот на Основен Суд Куманово, за посредување во судски предмет за сторено кривично дело Убиство извршено во 2012 година во Куманово. Во однос на истото, член на семејството му дал 24.000 евра за да го поткупи Претседателот на Основниот Суд, со цел да го ослободи едниот од извршителите на убиството од затвор. Во однос на севкупните активности, утврдено е дека Претседателот на Основен Суд Куманово, примил 19.000 евра, а за возврат му дал инструкции како да се однесуваат во понатамошната судска постапка за извршителот на убиството, притоа појаснувајќи му ги неговите напори во судските инстанци за да го оствари барањето, истакна Чавков.
Со денешната операција од слобода беа лишени 11 лица, а по еден од осомничените сеуште се трага. За време на претресите одземени се 4 патнички возила меѓу кои 2 џипа Мерцедес, еден голф и една Шкода Октавија, кои не биле на нивно име и можно е да биле земени како залог. Освен тоа запленети се и 2550 евра и 200 франци, 14 мобилни телефони со сим картички, разни нотарски договори, договори за купопродажба и изјави од лица, како и друг вид на документација.
Активностите околу реализацијата на планираните активности се сеуште во тек и продолжуваме да работиме на случајот, вклучително и на идентификување на други членови на криминалната организација.