„Приказна за Охридското море”- репортажа на чешката државна телевизија


„Македонијо, биди поздравена. Добредојдовте во Охрид и Охридското езеро“, вака започна репортажата која се емитуваше на чешката државна телевизија (ЧТ) во рамки на документарниот серијал „Патувања“, јави дописникот на МИА од Прага.

ohridПретставувајќи ја местоположбата на Охрид, новинарот Роман Вашичек го претстави македонското „море“, воодушевен од изработката на „охридскиот бисер“, како и македонскиот амбиент кој е создаван од карактеристичната архитектура на куќите сместени во тесни улички и распространети во ширина.

– „Македонското море“, како што го нарекуваат Македонците, може да се пофали со многу уникатности. Тоа е старо 3-4 милиони години и од таа гледна точка припаѓа на светски познатите езера како што се Бајкалското езеро во Русија и Тангањика во Централна Африка. Охридското Езеро е целосно опкружено со планини, чии врвови заедно со прекрасната темно сина боја на површината на водата создава единствена сценографија. Неговата убавина ја зголемува големиот број историски споменици на бреговите на езерото, вклучувајќи ги и античките. Во византиската ера, градот Охрид бил познат по црквите, кои тогаш биле 365 – за секој ден од годината по една, се опишува Охрид во репортажата, која е реализирана со поддршка на Амбасадата на Република Македонија во Прага.

Говорејќи за градот, кој заедно со езерото се прогласени за Светско културно наследство, под заштита на УНЕСКО, чешкиот патеписец не заборава на симпатичен начин да го спомене и ривалитетот на скопјаните како најчести гости, со домаќините охриѓани, споредувајќи ги со оној на пражаните и жителите од останатите градови.

ohridНарекувајќи го Охрид, заборавениот бисер на Балканот, новинарот Вашичек, сликата за Охрид ја продолжува преку староседелецот Митко, превезувач со чамец по езерото и разговарајќи со главниот архитект на градот. Не заборавајќи да спомене како Охрид го добил името, тој ги претставува културно-историските знаменитости „Свети Јован -Канео“, Плаошник, како и возобновената Црква „Св. Пантелејмон“ каде се положени моштите на Св. Климент. Ги доловува локалните обичаи, зачувувувањето на охридската пастрмка и начинот на создавање на охридскиот бисер.

– Охрид е историско место и „историски“ треба двапати да се подвлече, се вели во репортажата потсетувајќи на населувањето на луѓето уште од времето на неолитот, преку првите писмени докази за постоењето на населба во 4 век п.н.е, која била освоена од Филип Втори Македонски. Охрид е важен јазол за трговија на Римјаните 200 години подоцна како и главен центар на христијанството и словенската писменост, се додава во патеписот.

Во репортажата еден дел е посветен на селото Вевчани и „борбата“ на неговите жители за Вевчанските Извори во 1987 година, со посебен осврт на прекрасната природа покрај изворите на реката Црн Дрим кои со манастирот „Св. Наум“ се претставени едно од најромантичните места во Македонија.

Извор: МИА

Share Button
MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1