Со оглед дека Скопје веќе има пристап до гасот, се очекува некаде до јуни да заврши постапката за избор на компанијата што би ја изградила гасоводната мрежа и која би била дистрибутер на гасот во овој регион. Веднаш потоа би можеле да се бараат концесионери и за другите два региона во кои, додека не се изгради националната гасоводна мрежа, би можело да се користи компримиран гас, пишува Дневник.
Студијата предвидува во првата година по доделување на концесијата во главниот град да нема приклучувања, односно да се гради примарната мрежа за да може да се почне со првите приклучувања, а со истото да се продолжи и во следните години. Целосната гасификација на регионот се проценува дека би завршила за четири години. Сево ова би било инвестиција од околу 100 милиони евра, при што и фирмите и граѓаните ќе можат да добијат затоплување, кое во старт, со моментните цени на природниот, ќе биде за 20 до 25 отсто поевтино.
Дополнително, со оглед дека скопскиот регион годишно ќе користи околу 150 милиони кубни метри гас, може да се очекува обезбедување и на пониски цени на овој енергент, што ќе значи и уште поевтино затоплување.