Применета нова метода за превенција од мозочен удар


Шеесет и петгодишен Македонец е првиот пациент на кого му е ставен стент на каротида со новиот систем „неурогард“, кој го разви компанијата „Контего медикал“ од Јужна Каролина. Интевенцијата ја изврши д-р Сашко Кедев на Универзитетската Клиника за кардиологија.

Со стентирање на каротидите, односно артериите што одат во мозокот, практично се спречува појава на мозочен удар.

Доктор Кедев посочи дека новиот систем за стентирање е всушност апаратура која овозможува три во едно, односно се става филтер во каротидата за да спречи затворање на артерискиот канал, ставање стент и балон дилатација на крвниот сад.

– Со новата апаратура практично се скратува времето за ставање на стентот и таа е побезбедна, бидејќи се избегнува повеќекратно вадење и ставање на потребните материјали. Првиот пациент кај кој е направена интервенцијата има 65 години и веќе има стент на десната каротида која му беше 90 отсто запушена. И левата беше многу стснета и имаше опасност кај него да се појави мозочен удар, бидејќи веќе имаше невролошки симптоми, истакна Кедев.

Со овој начин на стентирање, нагласи, може да се делува и кога пациентот преживеал мал мозочен удар, односно со стентирање на каротидите да се спречи појава на масивен мозочен удар.

– Македонија е избрана да учествува во клиничката студија за одобрување на оваа апаратура за употреба. Кај нас треба да се направат интервенции кај 30 пациенти. Првично ќе направиме интервенции на 10 пациенти, кои ќе ги одбереме со скрининг, односно кај пациентите кои имаат најголема корист, а кај кои има најмал ризик. По извршување на овие интервенции кај нас, ќе може да се прават на пациентите во Берлин, Лајпциг и Милано, додаде д-р Кедев.

Иако ова е првата фаза од клиничката студија за апаратурата, пред-тестирањето, според Кедев, покажало извонредни резултати.

Додаде дека овие пациенти сега ќе се третираат бесплатно, бидејќи е студија, а додека да се комерцијализира апаратурата сигурно ќе поминат две до три години.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1