Приведен е Васко Стефанов, поранешен директор на „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ), кој е еден од осомничените за злоупотреби со јавни набавки на адитиви во компанијата, за што МВР и Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција денес спроведуваат голема акција.
Стефанов, кој не беше достапен за органите на прогонот, се наоѓал во соседна земја, но се вратил во Македонија откако дознал дека е баран за кривична постапка. Од Министерството за внатрешни работи за државната агенција МИА потврдија дека Стефанов е приведен на граничниот премин Табановце.
Како што е наведено во пријавата пријавениот В.С. во својство на генерален директор на АД ЕСМ, Н.С.- поранешен директор во АД за производство на електрична енергија ТЕЦ Неготино, Д.С.- поранешен директор на комерцијални работи во АД ЕСМ и поранешен директор на АД „Пошта на Северна Македонија“ и П.М.- поранешен вд директор и директор на Подружница РЕК Битола во АД ЕСМ во текот на 2023 и 2024 година во Неготино, Битола, и Скопје организирале група која имала за цел вршење на кривични дела „злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно – приватно партнерство“ од чл.275-в од КЗ, „злоупотреба на службена положба и овластување“ од чл.353 од КЗ и „перење пари и други приноси од казниво дело“ од чл.273 од КЗ . Во текот на 2023 и 2024 година на оваа група и се приклучиле осомничените М.Ј.- управител на правно лице од Скопје, П.С., управител на правно лице од Велес, М.С.- управител на правно лице од Неготино, М.С.- сопственик на правното лице од Неготино, Р.С.- сопственик на правното лице од Неготино, со намера да прибават за себе или за друг имотна корист од поголеми размери или да предизвикаат штета од поголеми размери.
Меѓу осомничените е и поранешниот директор на ЕСМ и РЕК „Битола“ Васко Ковачевски. За него денес премиерот Христијан Мицкоски соопшти дека е надвор од земјата, но дека во текот на денот очекува да биде обезбеден. Според информации кои се објавуваат неофицијално во медиумите, Ковачевски е во Виена, Австрија, а Македонија ја напуштил уште во септември.
Меѓу осомничените за злоупотреба на јавни набавки со адитиви наменети за потребите на РЕК Битола и на ТЕЦ „Осломеј“, но и во ТЕЦ „Неготино“ се товарат и ексдиректорите на РЕК Битола Пеце Матевски и на ТЕЦ Неготино, Небојша Стојановиќ. Според изјавата на премиерот, нанесената штета се проценува на 6,5 милиони евра.