Проектот за спас на црквата во Маврово доби гран-при


Македонската проектантска компанија „Тетрактис“ на архитектот Кристијан Јорданов освои гран-при за проектирање на Меѓународното биенале за архитектура во Минск, Белорусија, за проектот Конзервација, реконструкција и адаптација на црквата „Св. Никола“ во Mаврово.

Од 9 до 11 ноември во Палатата на уметностите во главниот град на Белорусија се одржа доделувањето награди на победниците на 12. Национален архитектонски фестивал, посветен на 950-годишнината на градот Минск. Целиот настан беше под покровителство на Белоруската унија на архитекти, со поддршка од Министерството за архитектура и градежништво.

Во рамките на истиот настан се одржа и Меѓународното биенале за млади архитекти – Леонардо 2017, во кое учествуваа млади архитекти од 17 земји и беа изложени повеќе од 120 проекти. Нивната оценка, односно наградувањето беше под надлежност на Меѓународната унија на архитекти и на Меѓународната асоцијација на архитектонски унии.

Македонската компанија „Тетрактис“ – учесник на биеналето – го доби високото признание гран-при, во категоријата „Зелена-пејзажна архитектура, урбан дизајн, монументална уметност и скулптурална архитектура“.

Автори на наградениот проект – Конзервација, реконструкција и адаптација на црквата „Св. Никола“ во Mаврово се Соња Милачиќ, Ана Наумова и Анета Николова, под менторство на Кристијан Јорданов, веќе етаблиран архитект, познат и признат не само во Македонија.

Неговото решение за спас на црквата во Маврово е ако не единствено, тогаш сигурно најоригинално. Црквата, која се наоѓа во Мавровското Езеро, е речиси целосно руинирана, тешко достапна и продолжува да пропаѓа на очиглед на сите посетители на зимскиот центар и на националниот парк „Маврово“. За проектот, кој делумно ѝ е познат и на македонската јавност, што значи и за црквата, ниедна од надлежните институции (за заштита на вредни објекти, за развој на туризмот, за урбанизам…), засега не покажала соодветен интерес.

„Слободен печат“

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1