Прочка е духовната метла со која ја метеме нашата душа од гревовите. Утре небото и простува на земјата, а човекот му простува на човекот. Прочка секогаш е во недела и е предпочеток на Велигденскиот пост. Постењето треба да започне со проштевањето и со покајанието, инаку значи дека не ни започнало или започнало само формално.
Наредниот ден по прочка е чист понеделник, од кога почнуваат најдолгите пости, Велигденските. Но опседнатоста со тоа што ќе се јаде за време на постот не треба да е доминантна мисла на верниците.
Македонскиот народ му придава големо, дури и митолошко внимание на овој празник, па освен традиционалното простување и барање прошка од постарите, чести се и карневалите како израз на истерување на неволјите според претхристијанските пролетни обичаи. На овие простори познат е и обичајот на палење огнови на оваа вечер, познати како голема Ора – копа. Децата ги прескокнувале за да се исчистат од болести. Во Разлошко ваквите огнови ги викале Гаро. Околу овие огнови девојките играле оро без песна, а момчињата го прескокнувале оганот.