Протекоа информации околу „погребот“ на Осама бин Ладен


Внатрешни мејлови на американските војници, до кои дошле американски медиуми, откриваат детали околу „погребот“ на поранешниот лидер на Ал Каеда, Осама бин Ладен, соопшти францускиот весник „Фигаро“.
-Има ли вести за пакетот за нас?, прашува адмирал Гавет. „Федекс го достави пакетот“, одговара неговиот колега Семјуел Перес.


„Пакетот“, во случајов го нарекуваат трупот на Осама бин Ладен, убиен на 1 мај 2011 година, од специјалните единици на американските военопоморски сили- морски фоки, на неговиот имот во Аботабад, во Пакистан.

Досега кажувањата за „погребот“ на шефот на Ал Каеда, чие тело беше фрлено во отворено море, го носеа предзнакот „тајна“. За прв пат мејлови меѓу американските офицери, до кои дојдоа американски медиуми благодарение на законот за слобода на информациите, фрлаат светлина врз некои детали од настанот.

Изјава на висок офицер на военопоморските сили од 2 мај опишува како телото на Бин Ладен било измиено, завиткано во бел чаршаф, ставено во сандак, а потоа фрлено во морето од носачот на авиони „Карл Винсон“.

Муслиманските традиционални погребни церемонии биле испочитувани.
-Офицер ја прочита подготвената религиозна молитва, преведена на арапски. Потоа телото беше поставено врз даска, со која беше спуштено во морето, пишува адмирал Чарлс Гавет.
Мејловите, делумно цензурирани, ја подвлекуваат тајноста на мисијата. Единствено мала група високи офицери од командата на носачот на авиони знаела за погребот. Во разговорите за приближување на хеликоптерите што ги превезувале „фоките“ и за префрлањето на телото на Бин Ладен на носачот, биле користени кодирани имиња.

Пентагон соопшти дека не располага со посмртниот лист, резултати од аутопсијата или идентификацијата на Бин Ладен преку ДНК-анализа, ниту со документ што прецизира што владата планира да направи со телото, доколку лидерот на Ал Каеда биде убиен.
„Погребот“ на телото на отворено море, меѓутоа, јавно бил подготвен.

-Ехото низ светот беше толку големо што американските специјални единици немаа право на грешка. При таков тип операции се разработуваат сите варијанти, па дури и најлошите, објаснува француски офицер, експерт за специјални операции.
Официјално САД го бранеа методот, тврдејќи дека сакале да го почитуваат муслиманскиот закон, кој бара телото да биде погребено за 24 часа по настапувањето на смртта.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1