Протести против Вучиќ на Косово, се слушаат истрели


Неколку стотини Албанци, меѓу кои и ветерани на ОВК, утринава го блокираа патот со багери и шлепери кај селото Трнава кон селото Бањица во општина Србица, а во Трнава се слушнале истрели, објави српската државна телевизија РТС.

Станува збор за рутата по која српскиот претседател Александар Вучиќ требаше денеска да помине. Патот бил блокиран и со неколку камиони. Демонстраните носеле транспаренти против посетата на Вучиќ на Косово.

Општината Србица е целосно населена со Албанци, а во селото Бањица се наоѓаат околу 300 српски куќи.

Директорот на Здравствениот центар во Косовска Митровица, Милан Ивановиќ изјави дека тој дел е познат по екстремистите и најголемите злосторства кои ги извршиле Албанците.

– Очевидно е дека Албанците се нервозни. Ова не е спонтан, туку организиран протест од страна на нивните соборци и политичкиот врв, со цел да се наруши посетата и да се заплашат Србите – истакна Ивановиќ.

Српскиот претседател, пак, во врска со истрелите изјави дека „работите треба да се решаваат со зборови и ум, а не со оружје“.

– Уште посилно сум определен за зачувување на мирот и српските институции и народот на Косово – додаде Вучиќ во Косовска Митровица.

Тој утринава ја продолжи својата посета на Косово со обиколка на Клиничкиот болнички центар во Косовска Митровица. Потоа ќе ја посети локацијата за проектот на населбата Сончева долина, а ќе ги посети и Србите во селото Бањица. Попладне ќе им се обрати на косовските Срби на собир во Косовска Митровица, што ќе биде централен настан за време на неговата дводневна посета на Косово.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1