Иако минале повеќе од 50 години откако Дајен Лејк живеела како тинејџерка во Лос Анџелес, никогаш нема да заборави кога прв пат го запознала Чарлс Менсон, озлогласениот лидер на култ и еден од најпознатите масовни убијци. Тоа било во 60-тите години од минатиот век.
“Беше неверојатно интелигентен. Имаше неверојатна способност да препознае слабост, желба и потреба кај луѓето, и знаеше да ги исполни”, рекла Дајен Лејк за People во првата исповед по 47 години.
Одлучила да го прекине долгогодишниот молк и да раскаже детали за животот во култот, таканаречен семејство Менсон, каде била најмлада членка. Менсон го запознала кога имала 14 години.
Во книгата “Член на семејството”, која излегува на 24. октомври, Дајен опишува како паднала под влијанието на Менсон, и како на крајот се ослободила од него.
Во 1967. година лутала по комуните и обиколувала хипи собири, кога нејзините родители решиле да живеат надвор од системот. На неа и дозволиле да живее самостојно.
Неколку месеци подоцна, го запознала Менсон на забава во Топанга, во Калифорнија.
“Барав љубов, сакав да бидам сакана и да имам семејство. Сакав да припаѓам некаде. Тој тоа веднаш го сфати”, рекла таа.
Во текот на следните две години му станала многу верна на Чарлс Менсон, па дури и кога тој станал многу параноичен и насилен, па се до кобниот август 1969. година, кога по негови инструкции биле извршени монструозни убиства.
Во текот на дводневниот убиствен поход, во кој Лејк не учествувала, членовите на култот убиле седум луѓе: Абигејл Фолгер, Војсиек Фрајковски, Лена и Розмари Лабјанко, Стивен Парент, Џеј Себринг и Шерон Тејт.
Една година подоцна, на возраст од 17 години, откако повторно била институционализирана, Лејк се нашла очи во очи со Менсон, овој пат во судница. Сведочела против него.
“Изгледаше како лудак, но можев да го погледнам во очи. До тој момент веќе се вратив во нормала, бев депрограмирана, па се чувствував безбедно”, напишала во својата книга.
Но, многу жени и девојки од култот, кои биле нејзини пријателки додека живееле заедно, и натаму му давале голема поддршка на Менсон во текот на судењето.
“Девојките со врежана “X” на челото? Никогаш не го сфатив тоа. Тие и натаму беа дел од таа приказна”, рекла таа.
Кога завршило судењето, а Менсон осуден на доживотен затвор, Лејк се обидела да живее нормален живот, се омажила, родила три деца, и добила диплома.
“Тоа е интересна приказна, но исто така треба да послужи и како предупредување. Се надевам дека мојата приказна барем малку ќе ги расветли мрачните настани од 60-тите”, напишала таа.