Рускиот претседател Владимир Путин, на својот близок пријател, поранешниот италијански премиер Силвио Берлускони, му рекол дека е незапирлив во остварувањето на своите царски амбиции, наведува британскиот весник „Дејли мејл“. Според наводите во италијанските весници, Берлускони сам предложил да биде посредник меѓу Kремљ и Западот во моментната украинска криза.
По разговорот со рускиот лидер, Берлускони забележал дека Путин е крајно одлучен, а ги навел и неговите зборови: „Не можат да ме запрат“, пренесе италијанскиот весник „Ил месаџеро“.
Во меѓувреме, вчера во Минск пристигнаа претставници на Украина, Русија, на проруските сепаратисти и ОБСЕ и започнаа разговори. Се очекуваше разговорите да резултираат со примирје. Украинските сили и проруските бунтовници вчера се судрија во близина на Мариупољ, само неколку часа пред најавеното објавување на примирјето од страна на претставниците на Украина и Русија, што би било за почетна точка за поширок мировен план, пренесе Ројтерс. Обновениот оган беше слушнат и во Донецк, во близина на аеродромот, кој останува во рацете на власта.
Украина вели дека нејзините сили се обидуваат да потиснат голема офанзива на бунтовниците, кои сакаат да го заземат Мариупољ, пристаништен град на половина пат меѓу Русија и Kрим.
– Нашата артилерија дојде и е распоредена против бунтовниците – истакна градоначалникот на Мариупољ, Јури Kотлубеј.
Претставникот на Штабот за антитерористичка акција Леонид Матјухин во Kиев соопшти дека нападот на терористите на западниот дел на Мариупољ не успеал благодарение на напорите на локалното население. Од друга страна, ИТАР-ТАСС пренесе, повикувајќи се на очевидци, дека проруските сили уништиле пункт на украинските сили на влезот во Мариупољ, дека припадниците на баталјонот Азов имале жртви и дека се повлекле кон градот.