Р. Северна Македонија е најизвесниот предлог за решавање на спорот со името иако во отсуство на официјални информации неофицијалните се повеќе укажуваат на тоа. Не се исклучува можноста утре и во телефонски разговор Заев и Ципрас да го верификуваат ваквото решение кое би било повод и за средбата во Преспа, пишува 24 Вести. МИА пак вечерва повикувајќи се на Владини извори вели дека сите опции и можни решенија не се исклучени. Дипломатски извори тврдат дека се разговара и за Република Илинденска Македонија.
Се уште нема договор за името, изјави премиерот Зоран Заев на денешната прес-конференција пред споменикот на паднатите борци во дворот на Владата по повод една година од работењето на Владата.
– Се уште не е ништо договорено. Како што соопштија министрите Димитров и Коцијас договорени се принципи и начела на договор. Се работи на правно формалниот аспект на самиот договор, следува разговор помеѓу мене и премиерот Ципрас, верувам деновиве, вечерва, утре или до петок. На овој разговор очекувам да направиме исчекор што е многу значаен и затоа ги следиме сите шпекулации во јавноста. Веднаш штом ќе имаме информација транспарентно ќе ја споделиме со јавноста, рече премиерот Заев.
Во делот на чекорите за спроведување на договорот, посочи Заев, нема ништо тајно, ниту непознато. Станува збор за работи што се разговарале на лидерската средба пред неколку дена. Додадено е само тоа што некој сакал да го додаде.
– Чесно е да се разговара покрај за правно формалниот аспект на евентуален договор и за термините за негово спроведување. Овде во Македонија сите стоиме зад референдумот, а Грција има за тоа разбирање. Логично е да се постават чекорите на спроведувањето на евентуалниот договор, рече Заев.
Тој се огради од споменување на придавки во однос на името, затоа што разговорите се во финалната фаза.
Во однос на барањето на претседателот на државата Ѓорге Иванов да биде информиран за текот на разговорите, Заев рече дека на лидерската шефот на државата бил целосно информиран за сите детали, а за новите моменти од процесот на преговори што се случија по лидерската ќе биде информиран од министерот за надворешни работи Никола Димитров, кој, како што кажа, уште денеска ќе побара средба со Иванов за да го информира за последните финеси од преговорите.
На прашањето зошто пред референдумот ќе треба да се ратификува Договорот во Собранието со 61 пратеник, премиерот Заев рече дека тоа е за да може Грција да испрати писмо до НАТО и да добиеме покана за НАТО.
– Ратификацијата на договорот е нешто зад што застануваат двете влади и веројатно парламентарното мнозинство, а се надевам дека тоа ќе биде многу големо мнозинство, заедно со опозицијата. Но, секако сите треба да знаат дека конечен е референдумот. Крајот на септември, почетокот на октомври, веројатно е соодветното време. Ќе се договориме сите чинители во државата кога да се одржи тој референдум и преку него граѓаните ќе ни ги дадат насоките. Но, истовремено, граѓаните што ќе излезат на референдум сакаат да ги знаат ставовите на политичарите и тоа е отворено и транспарентна постапка и начин на кој се решаваат проблемите, изјави Заев.
На новинарско прашање дали со Договорот за пријателство со Бугарија ќе се менува макеоднската историја и дали ќе се штити македонското малцинство, премиерот рече дека во договорот јасно пишува дека Македонија ќе ги брани правата на својата заедница надвор од државата, согласно сите меѓународни договори што постојат и се обврзувачки за сите земји.
– Апсолутно тоа не загрозува никакви надежи, никакви права на Македонците или граѓаните на Македонија кои живеат каде било во светот. Истовремено, она што го прифативме и го споделивме е дека споделуваме заедничка историја покрај нашата посебна историја. Тоа е факт и ние не бегаме од фактите. Тоа се чекорите на храбро носење на одлуките. Целиот Балкан има заедничка историја, цела Европа има заедничка историја. Ние имаме наша посебна историја како што и Бугарија има посебна историја. Сето она што ќе биде спроведувано во делот на комисиите за имплементација на Договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија ќе биде транспаретно, отчетно и отворено пред граѓаните, рече премиерот.
По девет месеци, додаде, видовте дека само се подобрува соработката, нема никаков зијан ниту за државата, ниту за граѓаните, а така ќе биде и во иднина. Да престанеме да се плашиме од голи популизми, закани од некакви намери кон Македонија или што било кое јакне национализам. Ако сакаме во ЕУ треба да бидеме Европејци и согласно тоа штитејќи го нашиот идентитет, национална посебност и гордост, секако треба да го прифатиме пријателството и со соседите и со сите други земји во ЕУ.