Податоците од терен покажуваат дека сѐ повеќе родители одлучуваат да не ги заштитат децата со одредени вакцини или, пак, тоа да не го прават во земјава, посочува д-р Јованка Костовска, национална координаторка за имунизација. Од Комитетот за имунизација оценуваат дека бројот на вакцинирани деца опаѓа поради стравот што го шират кампањите против вакцинацијата, кои земаат замав, а чии приврзаници ги сметаат вакцините за причинители за низа тешки болести. Од комитетот најавуваат своја кампања, со која ќе ги убедуваат родителите да си ги заштитат децата, пишува Нова Македонија.
Намалување на опфатот на вакцинација се случува во многу земји во светот. обвинуваат токму вакцините и состојките во нив за појава на тешки заболувања. Тие веруваат дека и вакцините се виновници за аутизам кај многу деца, имунолошки и алергиски заболувања, па дури и смртоносни болести како рак.
Многумина од нив бараат сами да одлучуваат дали ќе го заштитат детето од некоја болест со вакцина и со каква вакцина, меѓутоа тоа кај нас не е дозволено.
– Нашите информации од терен кажуваат дека во последно време сѐ повеќе родители одбиваат да ги вакцинираат децата. Сѐ уште не сме го добиле збирниот извештај за цела Македонија со кој ќе се видат точните бројки, каде и што се случувало лани, меѓутоа можам да кажам дека сме исплашени. Извештајот ќе покаже каква е ситуацијата по градови и каде има помасовно одбивање на вакцинацијата. Докторите ни јавуваат за родители што одбиваат вакцинација. Исто така имаме информации и дека наши граѓани одат во Србија и во Грција, каде што купуваат вакцини различни од овие кај нас – вели д-р Костовска.
Некои родители во други земји ги вакцинирале децата, а некои пак ги купувале и ги внесувале вакцините во земјава, па наводно наоѓале лекари што тука ќе им ги стават на нивните деца.
– Ќе мора да реагираме. Ќе имаме кампања за бенефицијата од вакцинацијата, треба да се објасни дека не е опасно да се вакцинираат децата, дека вакцините ни се безбедни – додава д-р Костовска.
Неодамна, невладината организација Совет за надворешни односи објави шематски приказ за тоа како растел бројот на заразни заболувања од 2008 година наваму, период во кој исто така растеше и стравот од вакцините. На картограмот се прикажани заразните заболувања во светот – морбили, заушки, рубеола, полио (детска парализа) и голема кашлица.