Разговарав со последниот жив атентатор на Глигоров!


Гроздан Цветковски Безбедносниот аналитичар работеше како началник и главен инспектор во МВР, директор на Факултетот за безбедност и сопственик на Детективската агенција „Топ Поинт“.

Со промените, замина во Агенцијата за разузнавање, каде што беше директор на аналитика, а последните четири години ги помина како офицер за врски од областа на безбедноста и разузнавањето во амбасадата на РМ во Софија.  Тој за „Фокус“ ексклузивно говори за неговите сознанија за атентатот врз Глигоров. Eве дел од мега-интервјуто објавено на втори февруари 2007 година во неделникот „Фокус“ gorzd cvetkovski

ФОКУС: Во 1995 г. се случи атентат врз претседателот Глигоров. Тој можеби затоа не верува во службите. Но агенцијата беше формирана во 1997-98 г. меѓу другото и за да се бараат атентаторите на Глигоров. Истрагата досега следеше три линии: братиславската врска, „Мултигруп“ и спрегата од српско-руското подземје. Какви се вашите сознанија. Има ли траги кои вреди натаму да се следат?

ЦВЕТКОВСКИ: Сега за прв пат ќе излезам со оваа информација во јавноста, бидејќи уште во пладневниот радио-весник на 3-ти октомври 1995 г. директно се вклучив во програмата и уште тогаш го дефинирав атентатот како обид за рекомпонирање на државата. Во сите подоцнежни истражни дејствија имаше премногу манипулации. Но факт е дека тогаш се утврди дека во атентатот има вмешано домашни и надворешни актери.

Некаде во средината на 2003 г., во Софија случајно се сретнав со едно лице, кое можеби не директно, но многу блиску било инволвирано во организирањето на атентатот. Тогаш работев во амбасадата на РМ во Софија. Тоа лице тогаш дојде по друга работа во амбасадата, и случајно со него воспоставивме контакт. Остваривме средба во еден хотел во Софија.

Човекот опиша многу ситуации, кои фактички кореспондираа со многу детали содржани во стенограмите на прислушувањето веднаш по атентатот, од кои имаше околу 150-200 страници. Јас тие материјали, во кои што се споменуваат многу лица, ѝ ги предадов на тогашната директорка на АР. Во нив имаше многу пикантерии. Претставуваше неверојатно совпаѓање што човекот ми говореше за сето тоа.

ФОКУС: За кого се работи, како се вика тоа лице?

ЦВЕТКОВСКИ: Тоа лице, се разбира, од познати причини не можам да го идентификувам. Се работи за странски државјанин. Но јас подолго време веќе од 2003 г., работам на еден текст, под работен наслов „Егзекутор“, кој фактички нема да биде документарен, туку нефикциска приказна. Се работи за метод на интертекстуалност, каде што фактичките моменти и настани се преплетени со уметнички. За да не се сетат „власите“. Но многу луѓе ќе се препознаат.

ФОКУС: Што ќе се открие?

ЦВЕТКОВСКИ: Веројатно нема да се откријат нарачателите на атентатот, но многу работи поврзани со атентатот ќе се откријат. Бидејќи 10-тина години работев на таа приказна.

ФОКУС: Велите дека се работи за лице организатор на атентатот!

ЦВЕТКОВСКИ: Да и фактички лице од регионот, кое е поврзано со други лица надвор од регионот. Целта се потврдува дека е рекомпонирање на власта на државата, односно тука има многу економски елементи.

ФОКУС: Каква е таа грузиска врска во атентатот врз Глигоров?

ЦВЕТКОВСКИ: Се работи за грузиски тип на атентат, во смисла на „мокра нарачка“, како што се нарекува тој тип нарачки.

ФОКУС: Што дознавте? Дали извршителите се живи?

ЦВЕТКОВСКИ: Дознав дека постои само еден жив човек, кој прво избегал во една соседна земја, потоа во Европа, на Медитеранот живеел едно време, а сега, според тие информации и кажувања, живее под туѓо име на еден далечен остров. Меѓутоа, тој е само една алка во синџирот, односно веројатно е спореден играч, но знае многу детали, зашто е еден од организаторите. За извршителите постојат премногу шпекулации, контроверзни информации и веројатно тие не се живи. Затоа што, вообичаено е извршителите да се убиваат, за да се избрише ракописот. Но битни се организаторите и планерите. Сѐ уште не го знаеме планерот, односно нарачателот.

Tags:

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1