Американските здравствени власти соопштија за мошне редок случај на пренесување на ХИВ вирусот при полов однос меѓу две жени.
Предупредувањето го упатуваат експертите на Федералните центри за контрола и превенција на заболувањата. Тие нагласија дека досега било тешко да се потврди пренесувањето на ХИВ при полов однос меѓу жени, бидејќи имало и други ризични фактори, како паралелна хетеросексуална врска или делење на прибор за дрогирање.
Во случајот со набљудуваните жени едната од нив се заразила со вирусот во 2008 година, шест месец по почетокот на сексуална врска со серпозитивна партнерка. Во тој случај немало никаков друг ризичен фактор.
На почетокот на врската, жената која има 46 години, направила тест за ХИВ и тој бил негативен. Таа тврди дека во меѓувреме немала други партнерки, а хетеросексуални односи немала во изминатите десет години.
Жената и нејзината партерка имале орален секс и користеле сексуални играчки, кои не ги делеле со други лица.
Вирусот пронајден кај двете жени е речиси идентичен на генетски план.
Експертите од Центрите за превенција и контрола на заболувањата нагласуваат дека и покрај тоа што пренесувањето на ХИВ меѓу две жени е реткост, тоа не е невозможно, бидејќи вирусот може да се наоѓа во вагиналната течност или во менструалната крв.