Прашањата беа поставувани на Руски, Украински и на Кримско-татарски јазик. Првите резултати се очекуваат доцна вечерва. Референдумот за припојување на Крим кон Русија поминува со многу висока излезност од 83 отсто од гласачите.
Претседателите на Европскиот совет и на Европската комисија, Херман ван Ромпуј и Жозе Мануел Барозо попладнево соопштија дека Европската унија нема да го признае референдумот на Крим за припојување на оваа украинска автономна република кон Русија, без разлика на исходот од него.
– Референдумот е незаконски и нелегитимен и неговиот исход нема да биде признат. Решението за кризата во Украина мора да се базира на почитување на територијалниот интегритет, суверенитетот и независноста на Украина, во рамки на Уставот на Украина, како и на строго придржување до меѓународните стандарди. Само преку заедничка работа во рамки на дипломатските процеси, вклучително и директни разговори меѓу владите на Украина и Русија, ќе се најде решение за кризата. ЕУ има посебна одговорност за мирот, стабилноста и просперитет на европскиот континент и ќе продолжи со исполнувањето на овие цели користејќи ги сите расположливи канали, се наведува во заедничката изјава на Ван Ромпуј и Барозо.