Регистрирани 3.209 заболени од грип и еден смртен случај


Во текот изминатата недела (од 18 февруари до 24 февруари), во државава се регистрирани 3.209 заболени од грип, што е за девет отсто зголемување споредено со минатата недела кога беа регистрирани 2.943 заболени од грип, се наведува во извештајот што на својата веб страница денеска го објави Институтот за јавно здравје.

Во текот на оваа недела, регистриран е еден смртен случај асоциран со грип. Станува збор за лице на возраст од 86 години од Скопје, кој бил хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби. Кај починатото лице не е утврдено присуство на коморбидитети.

Најголем број заболени (1.936) се пријавени во најголемата возрасната група од 15 до 64 години, а највисока инциденца од 350,3 на 100.000 жители е регистрирана кај децата на возраст до четири години. Најголем број заболени се пријавени од подрачјето на Центарот за јавно здравје Скопје (576), а највисока инциденца е регистрирана на подрачјето на Подрачната единица Кавадарци.

Согласно податоците од центрите за јавно здравје и подрачните единици, вакцинирани се 19.348 лица.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1