Иако македонските власти бараа екстрадиција на првообвинетите во случајот „Монструм“, Африм Исмаиловиќ и Алил Демири, сепак, екстрадицијата од Приштина е отфрлена. Постапката за екстрадиција не завршила, а надлежните од Македонија не добиле никакво известување дека осудените од Косово се пуштени на слобода.
Ова денеска го објави телевизија Телма, која, повикувајќи се на свои извори, информираше дека Исмаиловиќ и Демири ја издржале казната и пред повеќе од 40 денови, еден ден пред Нова година двајцата биле ослободени од косовскиот затвор.
Тие отслужуваа казна од 2 и пол години откако беа уапсени во стан во Приштина со нелегално оружје, но косовските власти го отфрлиле македонското барање за нивна екстрадиција за „Монструм“, односно Министерството за правда во Скопје пред два дена добиле соопштение дека не се дозволува нивно испорачување. Дополнително, извори на Телма тврдат дека косовските власти и покрај гаранциите за фер судење навеле дека веруваат дека двајцата би можеле да бидат осудени на национална основа.
Случајот „Монструм“ создаде лавина реакции во домашната јавност, а двајцата бегалци од скопскиот кривичен беа осудени како директни извршители на 5-кратното убиство кај Смилковско езеро, па родителите на убиените се шокирани од одлуката и сметаат дека има политика во одлуката за да се заштитат функционери Албанци во државата.
Таткото на убиениот Александар за телевизијата вели дека „не очекувале да бидат екстрадирани, додека не се уапсат нарачателите, 6-те функционери на ДУИ, а предметот е во политички пазар за да биде Али Ахмети послушен и игра како му се свири“.