Турчинот Али Сонмез (43) од Ескисехир во разговор со новинар на АА рекол дека го интересирало колку работен стаж собрал како градежен работник во неколку фирми и дека поради тоа се обратил во надлежната канцеларија.
– Минатата недела побарав да ми се издаде број за следење на работниот стаж. Се шокирав кога видов дека стажот ми е прекинат 1 септември 2004 година, а во образложението пишува дека сум загинал на работа. Јас цел овој период работев, а стажот не ми одел во системот бидејќи таму сум мртов, рекол Сонмез.
Сонмез потоа се обратил до надлежните кои го разгледуваат неговиот случај, а наскоро на суд ќе мора да сведочи во своја корист како би докажал дека е жив.
– Јас сега сум официјално мртов, а за пензија ќе размислувам дури откако ќе докажам дека сум жив, рекол Сонмез и додал дека станал главна тема на шега помеѓу неговите пријатели кои сега го нарекуваат „дух“.