Осум годишната Естира ја има само нејзината мајка, помалата сестра и братот. И толку. Тука пред малата темна соба каде живее, се чувствуваше мирисот на мувла и надвор е нејзиниот свет. Таа не оди на училиште, оти нема извод на родени. Мајка и не стигнала до болница и се породила во собата, пренесува Канал5.
– Немаше кој да ме однесе, така беше, морав да се породам во собата. Не сум писмена, не знам како да го пријавам детето. Службите ми викаат оди ваму, оди таму, и на крај ништо – вели Оливера.
Оливера не може да земе социјална помош, бидејќи Естира нема извод, живеат како ќе се погоди денот.
– Естира ми вели – мамо, дај да просам, немаме што да јадеме – вели Оливера.
Куќата е целосно дотрајана. Ова семејство живее во една соба, во другите живеат други семејства, роднини на Оливера.
Таа се плаши дека ќебињата, наместо прозорци нема да ја издржат ладната есен и зима.
Надежта на Оливера е дека ќе добие помош од социјалните служби да го пријави детето и да добие минимални средства за живот.