Опозициската партија СДСМ денеска изјави дека поднела 100 тужби до Управниот суд поради одлуките на Државната изборна комисија, која на седниците на кои се разгледуваа жалбите за прекршоци во изборниот процес на 24 март, одлучи да ги отфрли оние од СДСМ, а да прифати 3 од 5 приговори на владејачката партија.
– Истите членови на ДИК кои одбија повеќе од 300 приговори на опозицијата, во случајот за Струмица прифатија приговори без никаков правен основ, со кои сакаат да му ја украдат убедливата победа на градоначалникот Зоран Заев – рече Данева додавајќи дека со три неиздржани приговори, мнозинството на владејачката партија во ДИК ја смениле волјата на струмичани.
Од СДСМ велат дека ги поднесуваат тужбите затоа што ДИК одлуките ги донела со надгласување на мнозинството членови од ВМРО-ДПМНЕ, а не врз основа на закон и аргументи.
– Мнозинството на ВМРО-ДПМНЕ во ДИК го претвори овој државен изборен орган во политичка инквизиција. Најдобар доказ за ова е фактот што мнозинството на ВМРО-ДПМНЕ во ДИК ги одби нашите приговори, не водејќи сметка за ниту еден факт и без притоа да се направи увид во избирачкиот материјал на оспорените избирачки места. Барањата за увид и пребројување на гласачките ливчиња беа одбиени со надгласување 4:3 – рече Ана Повлова Данева.
Од СДСМ се надеваат дека одлуките на Управниот суд ќе бидат ослободени од партизираност и ќе се задржат на уставниот поредок и на законите затоа што, велат од партијата, судот, како последна инстанца, ја има одговорноста и обврската да ја исправи политичката неправда на мнозинството на ВМРО-ДПМНЕ во ДИК.
Plus info