Полицијата спроведува повеќе полициски акции на разни локации во земјава. Според информациите се апсат шверцери на дрога, оружје и цигари.
Министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, денеска истакна дека отвораат широк фронт против дрогата која се растура на улиците во Македонија.
-Станува збор за поединци кои на ситно препродаваа дрога на улиците, а акцијата ќе продолжи во идниот период не само во Скопје, туку и во останатите градови на територија на цела Македонија, за каде имаме сознанија за вакви криминални активности, посочи Јанкулоска.
По неодамнешното апсење на две лица, кај кои била пронајдена марихуана, МВР извршило претрес кај 32-годишен дилер од Скопје, кој е осомничен дека е организатор на криминалната група која препродава марихуана и амфетамини на улиците.
При претресот во неговата куќа иако дилерот не е пронајден, полицијата пронашла прибор за пакување и мерење на дрога, бункери за складирање на дрогата сместени во шанк и под брачниот кревет во спалната соба, каде е пронајдена одредена количина на дрога.
Во рамки на оваа акција денеска МВР изврши претреси кај три лица, кај кои се пронајдени 5 грама марихуана, 300 семки и две цигари.
Јанкулоска нагласи дека не очекуваат големи количини на дрога да бидат пронајдени кај осомничените лица, за кои има докази дека се дел од оваа криминална група, но апелираше граѓаните кои располагаат со какви било информации дека во нивното населено место се врши улична препродажба на дрога, да пријават со цел запирање на ваквиот криминал.