Кој снимал, зошто и дали било овластено, се прашањата на кои се очекува да одговори Јавното обвинителство откако синоќа протекоа видео снимки на Ју тјуб каналот од разгогвор меѓу премиерот Никола Груевски и опозицискиот лидер Зоран Заев.
Обвинителството ќе треба да даде одговор и дали материјалот е направен со користење на посебните истражни мерки и дали се дел од доказниот материјал за акцијата „Пуч“.
Од Владата се уште нема коментар за случајот. Од МВР пак само кусо изјавија дека чекаат насоки од Јавниот обвинител.
Видео разговорот најпрвин го објави телевизија Сител при што тврдеше дека се работи за дел од четирите разговори меѓу премиерот Груевски и Заев, на кои се зборувало за компромитирачките материјали за кои сега е осомничен лидерот на СДСМ.
Подоцна реагираа и владејачката партија и опозицијата. СДСМ праша кој друг освен Груевски може да снима во неговиот кабинет и оцени дека со направената снимка се потврдувале тврдењата на Заев за следење и снимање граѓани.
ВМРО – ДПМНЕ пак ги повика надлежните институции да откријат од каде се актуелните снимки, дали смее да се објавуваат вакви снимки, кој го сторил тоа и дали е од законски издадени ПИМ мерки или не е, и за што станува збор.