Се истражува најпознатиот средновековен град во Македонија


Се истражува најпознатиот средновековен град во Македонија, на археолошкиот локалитет Кале-Стрезов Град, кај демиркапиското село Челевец, каде археолозите открија кула и црква. Локацијата е дел од Демиркаписката Клисура, над автопатот Скопје – Атина, пренесува МИА.

Носител на проектот е Институт за старословенска култура од Прилеп, а раководител м-р Орданче Петров. Покрај него, на терен се и негови колеги од Институтот, меѓу кои и м-р Александар Василевски, археологот Цветанка Тодоровска Митрева од Демиркапискиот музеј и други дипломирани археолози и студенти по археологија, како и нивна колешка магистрант од Босна и Херцеговина. Тимот истражува 15 дена.star-grad

– Средновековниот град бил голем по површина и имал помали населби од разбиен тип. Работиме на просторот на локалитетот Кале Челевец, познат како Стрезов Град. Се работи на два пункта, кула и црква, откриени при ова истражување. Овој простор досега не е истражуван, можеби поради тешко пристапниот терен. На повеќе наврати во минатиот век истражувани се неколку некрополи кои најверојатно се дел од градот. На просторот на Кале-Стрезов Град, село Челевец ова се први сондажни истражувања за кои се надевам дека во иднина ќе прераснат во повеќегодишни систематски истражувања. Прв пат се истражува дел од тврдината и населбинскиот простор кои припаѓале на средновековниот град Просек, кажа денеска Петров.

Тој објасни дека откриената кула е дел од јужната одбранбена линија на тврдината Просек.

– Откриената одбранбена кула е дел од фортификацискиот систем на тврдината и со својата челна позиција го брани единствениот лесно достапен пристап кој се наоѓал од источната страна. Според податоците што ги имаме, бранителите на тврдината биле вооружени со вообичаеното оружје за тоа време. Но, Никита Хонијат, современик на настаните, за време на обидот на византискиот император Алексеј Трети Ангел да го заземе Просек, управуван од самостојниот владетел Добромир Хрс, забележал употреба на каменофрлачки постројки користени од двете завојувани страни. Постројките биле поставени по околните ридишта, раскажа Петров.

На вториот пункт на кој деновиве се работи, откриена е црква и некропола.

– Најверојатно станува збор за рановизантиска црква, која подоцна била обновена, но со редуцирани димензии. Би можело да се претпостави дека црквата од помладата фаза е црквата Света Богородица која во 1348 година со нејзиниот метох во Просек, била подарена на манастирот Хиландер. Во корелација со црквата откриени се и неколку погребувања. Пронајдениот материјал е во фаза на проверка. Истражувањата за кои се надевам дека ќе следат во наредните години ќе ги потврдат или негираат нашите првични претпоставки, рече Петров.

Проектот е финансиран од Министерството за култура, преку програмата за финансирање на проекти од национален интерес за 2015 година. Носител на активностите е ЈНУ Институт за старословенска култура од Прилеп, во соработка со Археолошкиот музеј на Македонија од Скопје и музејска збирка при Дом на култура „Мирка Гинова” Демир Капија, а со поддршка на општина Демир Капија и подружницата на „Македонски шуми” од Демир Капија.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1