Почнуваат консултациите за изработка на нацрт текстот на уставните амандмани. Премиерот Заев е подготвен уште утре да седне на заедничка маса со пратениците и во инклузивен процес да ја усогласат содржината. Очекувањата се целиот процес да заврши до крајот на месецов.
Пратеникот Фадил Зендели од Беса изјави дека тие ќе поднесат четири амандмани на Уставот и тоа бидејќи се отвора преамбулата на Уставот се бара концепт на граѓанска држава, албанскиот јазик да биде рамноправен со македонскиот јазик, државата да се грижи за сите нејзини граѓани во дијаспората, како и тоа претседателот на државата по второто гласање на закон или друг акт во Собранието да нема право на вето, како за Законот за јазици и Договорот од Преспа.
На прашањето дали пратениците од нивната партија ќе ја условуваат Владата со овие амандмани во следните фази од носење на уставните измени, Зендели вели дека тоа нема да се случи бидејќи условувањето не е филозофија на нивната партија.
– Ние се уште немаме предлог од Владата за да можеме да постапиме. Ова се наши предлози, вели пратеникот кој рече дека нивното барање е нивните предлози да бидат прифатени и како предлози од Владата да бидат доставени до Собранието.
Зендели, како што рече, не е склон на условувања во политиката и тоа не е филозофија на Беса.
– Тоа не е речник или филозофија на нашата политичка партија. Ние сметаме дека ова е демократско право и дека со години се наметнува и ја оптоварува политичката сцена и дека во овој момент кога се отвора Уставот би требало да се решат, изјави пратеникот.
Во однос на политичкото помирување, Зендели вели дека пратениците од оваа партија сакаат да придонесат за ова прашање.
При подготовката на амандманите можно е да бидат инкорпорирани и барањата на групата опозициски пратеници кои својот глас при првичната подршка го условија со прифаќање на четирите амандмани, меѓу кои и амандман за гаранција на македонскиот идентитет. За разлика од нив Алијансата предводена од Зијадин Села и Беса на Касами ќе инсистираат на промена на преамбулата на Уставот, албанскиот јазик да биде втор официјален јазик во Парламентот.
По доставувањето на амандманите во Собранието ќе започне втората фаза. Деловникот предвидува од моментот на доставување до одржување на пленарната седница за нивно усвојување да поминат најмалку 30 дена.
По доставувањето во Законодавниот дом секој од амандманите преку кои ќе се интервенира во Уставот, ќе треба да поминат низ претрес во две собраниски комисии – Законодавно-правната комисија и Комисијата за уставни прашања каде треба да се изгласаат со мнозинство од пратениците кои се членови на Комисијата. За гласањето на нацрт-амандманите на пленарна седница во Собранието е потребна поддршка од апсолутно мнозинство од 61 пратеник.
Потоа следува јавна дискусија за нацрт-амандманите, по што се поднесуваат амандмани на нацрт-амандманите за кои се води претрес исто така во две комисии. Откако Собранието со апсолутно мнозинство од 61 пратеник ќе се изјасни за секој од амандманите на уставните амандмани, се закажува седница за измена на Уставот за која е потребно двотретинско мнозинство која е крајната фаза за изменет Устав.