Грција планира да приватизира 13 атрактивни плажи во целата земја, од кои дел се места каде што традиционално летуваат многу Македонци. Грчкиот Фонд за приватизација на државниот имот (ТАИПЕД) ги нуди на долгогодишен закуп некои од најдобрите плажи на островите Родос, Елафонисос, Симос и Саракинос, но и плажи на Халкидик и во близина на Солун. Приватизацијата на плажите би значела дека нивните закупувачи ќе имаат право да им наплаќаат влез на посетителите, пренесува Дневник
Според огласите објавени на интернет-страницата на ТАИПЕД, на распродажба се ставени плажата во Аспровалта, „Агиос Јоанис“ на Ситонија, како и плажата „Агија Тријада“ во близина на Солун. Меѓу понудените локации се и две плажи на островот Елафонисос во близина на Пелопонез, како и неколку на островите Симос и Саракинос. Наведените плажи се под заштита на Европската Унија поради уникатниот жив свет и околината. На потенцијалните закупувачи им се нудат и плажата „Афанту“ на островот Родос, како и „Термисија“ на Ермиони во близина на Пелопонез.
Идните закупувачи ќе ги добијат овие плажи во следните 50 години и ќе имаат право да наплаќаат влез, да изградат сместувачки и угостителски објекти, како и да ги уредат според сопствена волја.