Директорот на средното училиште во Марибор, Словенија, за кого се зборуваше дека ученици тајно го снимале со мобилен телефон во моменти додека орално задоволува професорка по математика во училиштето, извршил самоубиство, откако повеќе од една седмица беше тема во медиумите, се дозна денеска од словенечната полиција, извести хрватски „Јутарњни лист“.
Полицијата го потврдила трагичниот настан без коментар, што е вообичаено за случаи на самоубиство.
Претседателот на Здружението на директори на училишта, Мијан Рејец, за телевизијата ПОП ТВ рекол дека директорот на средното машинско училиште во Марибор очигледно бил психички скршен од големиот јавен притисок и му изразил сочувство на семејството. Директорот зад себе оставил сопруга, син и ќерка.
Веднаш откако инкриминирачката снимка беше објавена на интернет, директорот случајот го пријавил во полиција и со својата наводна партнерка тврдел дека снимката е монтажа. Лицата и на обајцата сексуални партнери на снимката не се гледаат.
Словенечката полиција не ги објави резултатите од досегашната истрага, а уште не се идентификувани лицата што снимките ги поставиле на интернет.
Овој случај покрена обемна дискусија и во Словенија и генерално во Европа за заштитата на приватноста и за правилата за објавување материјали на интернет.