Нов закон за квалитетот на амбиенталниот воздух, седум нови подзаконски акти и национални планови за наредната деценија се дел од решенијата подготвени во рамките на двегодишен проект финансиран со 1,5 милион евра од Европската Унија. Целта е подобро следење на загадувањето и поефикасно спроведување на мерките за заштита на воздухот.
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, на завршниот настан на проектот во Скопје истакна дека се подготвени нацрт-национален план за квалитетот на воздухот за периодот 2027–2031 година и програма за контрола на загадувањето за периодот 2027–2037 година.
„Подготвените закони, планови и анализи сами по себе нема да го исчистат воздухот. Вистинскиот тест е доследното спроведување на мерките и постигнувањето видливи резултати за граѓаните“, рече Хоџа, нагласувајќи дека за тоа се потребни координација и заеднички ангажман на централната и локалната власт.
Меѓу препораките од проектот е и формирање агенција за заштита на животната средина, која би обезбедувала стручна и научна поддршка за спроведување на политиките и усогласување со европските стандарди.
Евроамбасадорот Михалис Рокас посочи дека подготвениот закон треба да биде усвоен и доследно да се спроведува, по што треба да следува и примената на подзаконските акти.
Проектот „Поддршка во спроведувањето на директивите за квалитет на воздухот“ е кофинансиран од Европската Унија преку Инструментот за претпристапна помош ИПА II.








