Британскиот премиер Риши Сунак во Бакингемската палата официјално поднесе оставка до кралот Чарлс, по поразот на неговата Конзервативна партија на вчерашните парламентарни избори.
Британскиот премиер и лидер на конзервативците Риши Сунак го призна поразот на вчерашните парламентарни избори и му честиташе на победата на лидерот на лабуристите Кир Стармер.
Сунак нагласи дека владата ќе се смени „уредно и мирно“ и ја презеде одговорноста за поразот на изборите.
„Британскиот народ донесе отрезнувачка пресуда и јас ја преземам одговорноста за поразот. За многуте добри, вредни конзервативни кандидати кои изгубија вечерва… Жал ми е“, додаде поранешниот премиер.
Тој најави дека ќе се повлече и од лидерската позиција во Конзервативната партија.
Лабуристите освоија 410 од 650 места во Долниот дом на вчерашните општи избори во Велика Британија, со што ставија крај на 14-годишната влада предводена од конзервативците. Евидентиран е многу голем одѕив на гласачите, а се верува дека одѕивот би можел да биде еден од најголемите во поновата историја, пишува „Индипендент“
Лидерот на Лабуристичката партија Кир Стармер ќе биде следниот британски премиер откако неговата партија освои огромно мнозинство.
Граѓаните избраа 650 пратеници во Долниот дом на Парламентот со мандат од пет години.
Тектонски промени и во Франција.
Коцката со предвремените избори му се удри од глава на францускиот претседател Емануел Макрон, кој сега се соочува со болен избор: да ги повлече своите кандидати, со цел да ја запре крајната десница или да се обиде да го спаси тоа што остана од неговото, некогаш доминантно, политичко движење, пишува Политико.
Првиот круг од превремените парламентарни избори беше многу лош за Макрон, кој ја освои власта пред седум години. По изборите за Европскиот парламент, тој го распушти Парламентот за брзи предвремени избори со цел да го запре вртењето на Франција кон екстремната десница, но го постигна спротивното.
Втората најголема економија и единствената нуклеарна сила во ЕУ сега е поблиску од било кога до тоа да добие крајно-десна влада за прв пат, откако партијата Национален собир на Марин Ле Пен обезбеди драстична предност по првиот круг.
Вториот круг од изборите ќе се одржи на 7 јули, а доколку тогаш Националниот собир обезбеди мнозинство, што според анкетите е возможно,
Франција ќе се најде на непозната територија. Државата ќе биде водена, барем во еден дел, од политичари кои своите имиња ги изградиле со симпании кон Владимир Путин и за растурање на Европската Унија, војна против миграцијата и за излегување од НАТО. Иако партијата на Ле Пен ги омекна своите поостри ставови, сепак останува скептична кон западните политички позиции. Победа на овие избори ќе ги засили нејзините шанси за победа на претседателските избори во 2027 година.