Обележувањето на десниот палец на гласачот со видливо мастило е неуставно, заклучија уставните судии. Едногласно укинаа неколку одредби од Изборниот законик кои ги обврзуваа членовите на избирачкиот одбор да го обележат секој гласач при остварувањето на неговото избирачко право и да проверат дали можеби веќе има белег од маркер, што би значело дека еднаш веќе гласал. Според Уставниот суд, повредени се уставните принципи за слобода на уверувањето и заштита на приватноста на граѓаните.
-Тајното гласање е повредено во делот што кажува дека граѓаните може и да не одат на избори и да не го остварат своето гласачко право. Доколку обележувањето е видливо, сите знаат кој излегол – а кој не излегол на гласање. Со тоа се дискриминирани они што не гласале, – изјави професорката Тања Каракамишева – Јовановска која ја поднесе иницијативата.
Видливото мастило стана дел од Изборниот законик пред точно една година и беше употребено само на последните парламентарни и претседателски избори. Го предложи опозицијата, како дополнителен механизам за заштита на независноста на изборниот процес, а власта го прифати за да обезбеди политички консензус.