Родителите чии деца се до шестгодишна возраст, почнувајќи од 23 септември, да се вратат на своите работни места и на редовно извршување на работните задачи, имајќи предвид дека детските градинки отпочнаа со активности за згрижување и воспитание на деца од -ти овој месец, односно престанува користењето на мерката на Владата по овој основ.
Ова е заклучок од денешната владина седница на која, е задолжено Министерството за труд и социјална политика да испрати писмено укажување до сите детски градинки да продолжат со упис и згрижување на деца, особено на оние деца чии двајца родители се во работен однос, без разлика дали работат од дома или одат на работа.
– Воедно, беше препорачано Министерството за труд и социјална политика да укаже на детските градинки да стапат во контакт со родителите чии деца се запишани, а не се донесени за престој во детските градинки во овој период, за да може да се обезбеди престој и за други деца, доколку има место и за оние кои имаат потреба да ги згрижат децата иако работат од дома, се наведува во соопштението од владината прес-служба.
Министерството за труд и социјална политика, во соработка со единиците на локалната самоуправа и државните институции, треба да ги разгледаат можностите и доколку постои слободен неискористен простор истиот да се намени за згрижување деца од оние детски градинки од подрачјето на општината каде што ќе биде потребно.
Владата на денешната седница го прифатила и Предлогот за изменување на Протоколот за активности во установите за згрижување и воспитание на деца и тоа: воспитните групи за деца до двегодишна возраст да имаат максимум по 12 деца и двајца вработени во смена.