Се запленуваат над 10 стана на овчарот Џемаили


 Десет стана во вкупна површина од 910 метри квадратни и деловен простор со површина од 62 метри квадратни, кои се лоцирани во Скопје, ќе му бидат конфискувани на Иснифарис Џемаили врз основа на судска пресуда.


isnifaris djemailiВладата на Република Македонија по седум години посветена работа на случајот „Бачило“ успеа да ја докаже правдата и да започне постапка за да ги одземе нелегално стекнатите имоти од Иснифарис Џемаили.
– По правосилната судска пресуда, со која се констатира дека тој ја има оштетено државата за 44 милиони денари, и пресудената затворска казна, Џемаили со правни маневри целокупниот свој имот го имаше ставено под хипотеки кај други лица преку потпишување фиктивни договори за заем, со цел да не може да му биде одземен, изјави на денешната прес-конференција портпаролот на Владата, Александар Ѓорѓиев.
Владата преку Државното правобранителство успеа во судска постапка да докаже дека Џемаили го попречувал правото и оти со нелегални активности се обидел да ја изигра правдата.
Владиниот портпарол истакна дека Апелацискиот суд со правосилна судска пресуда, потврдувајќи ја претходната пресуда на Основниот суд, пресуди дека договорите за заем кои Иснифарис Џемаили ги склучувал фиктивно за заштита на имотот и хипотеките на имотот кои биле воспоставени со тие договори се ништовни, со што се создадоа можности државата да го конфискува неговиот имот.

– Врз основа на судската пресуда, Агенцијата за управување со конфискуван имот ќе конфискува станбен простор во кој се содржат 10 стана, сите лоцирани во една нова зграда во Скопје со вкупна површина од 910 метри квадратни, како и деловен простор со површина од 62 метри квадратни исто така во Скопје. Апроксимативно пресметаната вредност на вкупниот имот кој ќе биде конфискуван е над 1 милион евра, нагласи Ѓорѓиев.
Постапката за конфискација е започната, рече портпаролот и додаде дека по нејзино завршување овие 10 стана и деловниот простор ќе бидат дадени на продажба, а средствата од продажбата ќе одат во Буџетот за потребите на граѓаните.
Ѓорѓиев информира дека Владата донесе одлука да се продадат претходно конфискуваните акции од фирмата „Југоопрема“, кои беа конфискувани од Миодраг Марковиќ.

– Се работи за 13.544 акции, кои претставуваат 43,64 отсто од основната главница на „Југоопрема“. Продавањето на овие акции ќе се врши на јавна берзанска аукција, по принципот продажба се или ништо, односно или сите акции или ниту една, при што номиналната вредност на една акција ќе биде 50 евра, или за вкупниот број акции цената е определена на околу 700.000 евра, појасни владиниот портпарол.

„Југоопрема“ е компанија која работи, се занимава со издавање деловен простор и има во посед деловен простор, што создава претпоставка дека потенцијалниот купувач на акциите ќе може да оствари заработувачка.
Средствата од продажбата на акциите, како што додаде, одат во Буџет за потребите на граѓаните.
Владиниот портпарол додаде дека законите важат за сите, а Владата и понатаму ќе продолжи со бескомпромисната борба против криминалот и корупцијата.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1