Обвинителството за воени злосторства во понеделникот соопшти дека сефовите на командантот на Српската доброволна гарда Жељко Ражњатовиќ Аркан во една банка во Белград биле празни.
Врз основа на наредба на судија за претходна постапка на Одделот за воени злосторства при вишиот суд во Белград, во присуство на претставници на Обвинителството за воени злосторства и МВР на Србија отворени се сефовите на Жељко Ражњатовиќ, стои во соопштението.
Притоа се наведува дека откако не биле пронајдени клучевите се пристапило кон насилно отворање на два сефа, за кои било констатирано дека се празни.
Обвинителството пред неколку дена соопшти дека е заинтересирано за отворање на сефовите на Аркан за да се утврди дали во нив има нешто во рамки на прибирањето на докази во врска со случаите за кои Хаг во 1997 година го обвини Ражњатовиќ.