На Клиниката за уво нос и грло се уште не можат да се соземат од семејната драма која се случувала пред 4 недели. Во тешка состојба со изгореници на хранопороводот примиле 4- годишно дете од Битола кое испило корозивно средство. Според информациите на zdravstvo24.mk, се започнало кога од невнимение еден од родителите донел дома средство за миење садови и рерни и го претурил во шише од газирана вода.
Детето било жедно го земало шишето и почнало да пие. За неколку секунди настанал вистински хаос. Почнало силно да вреска, да повраќа, помодрува и се борело за воздух. Родителите во паника со сопствено возило веднаш тргнале кон болницата во Битола.
Да биде трагедијата поголема, на пат доживеале сообраќајна несреќа и во коматозна состојба биле примени во битолската болница. Мајката по еден ден се освестила и алармирала дека нејзиното дете има испиено корозивно средство. Но, бидејќи слабо го разбирала македонскиот јазик (македонка од Албанија, село Пустец мажена за битолчанец од битолско село), медицинскиот персонал не ја разбрал што кажува.
Вистината ја дознале дури по неколку дена што е големо пролонгирање и отежнување на состојбата на 4-годишното дете. Кај него веќе настанале компликации од корозивното дејство на средството и по неколку дена престанало да голта, а целата плунка му се цедела надвор од устата.
Според информациите на zdravstvo24.mk, итно било префрлено на Универзитетската клиника за уво, нос и грло во Скопје, која е референтен центар во државава за третман на оваа патологија. Детето веднаш било примено и започнала борбата за неговиот живот. Тимот на доктори, експерти за ендоскопска хирургија заедно со анестезиолошкиот тим на клиниката започнале со одредување на дијагноза на детето.
По превземените потребни иследувања по соодветните протоколи, дијагностицирано е целосно стеснување на хранопроводот по целата негова должина. Поради сериозноста на состојбата биле во контакт и со колегите од Клиниката за детска хирургија. Бидејќи детето било во многу ризична состојба и по неколкуте ендоскопски интервенции, итно стапиле во контакт со најсофистицираните центри во светот.
Детето заедно со родителите се префрлени во Турција каде се уште трае битката за неговиот живот.