Американскиот сенатор Рон Џонсон, кој е коспонзор на резолуцијата на Сенатот за поддршка на Договорот од Преспа денеска престојува во посета на Скопје.
Џонсон во претпладневните часови ќе се сретне со премиерот Зоран Заев, а највена е и средба со претседателот на Собранието, Талат Џафери.
Сенаторот Џонсон во земјава доаѓа во период на интензивни дипломатски активности пред претстојниот референдум, на 30 септември. Вчера во Скопје престојуваше германската канцеларка Ангела Меркел, а изминатите денови беа и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, министерот за надворешни работи на Луксембург, Жан Аселборн, австрискиот канцелар Себастијан Курц.
Џонсон, кој е претседавач на сенатската Комисија за државна безбедност, освен Македонија, ќе ги посети и Грција, Србија и Косово.
Сенаторот Џонсон е еден од високо рангираните соработници на американскиот претседател Доналд Трамп, задолжен за специјални мисии. Воедно, тој е и претседавач со Поткомитетот за европска и регионална безбедносна соработка.
Републиканскиот сенатор од Висконсин, последен пат престојуваше во регионот во февруари, кога ги посети Белград и Приштина.Џонсон во своите јавни настапи се залага за поголем ангажман на Вашингтон на Балканот и за интеграција на земјите од регонот во ЕУ и НАТО.
Дајте им дознаење на вашите лидери дека ја поддржувате вашата нација и чекорењето на земјата на патот кон евроатлантските интеграции. Со оваа порака излезе денеска американскиот сенатор Рон Џонсон по средбата што ја имаше во Владата со премиерот Зоран Заев.
Сенаторот Џонсон средбата со Заев ја оцени како мошне позитивна и нагласи дека во Македонија дошол за да даде охрабрување и поддршка на целиот процес од решавањето на спорот за името до конечното интегрирање на Македонија во ЕУ и НАТО.
– Мошне е важно за Македонија и Грција да имаат решен спор за името. Двете земји имаат двајца храбри лидери, премиери кои вложија голем напор за да го решат овој спор. Тоа е единствениот начин на кој Македонија може да влезе во НАТО, истакна сенаторот Џонсон.
Тој ги охрабри сите македонски граѓани да го искористат своето право, да гласаат на референдумот кој ќе се одржи на 30 септември. Во врска со отпорот, што кон Договорот го има и во Македонија и во Грција, но и ставот на ВМРО-ДПМНЕ и претседателот Ѓорге Иванов дека Договорот е штетен, Џонсон напомена оти во Македонија доаѓа од Грција и оти увидел дека и таму има големо спротивставување кон Договорот.
– Овој спор траеше 27 години, премиерите на двете земји водеа тешки преговори, работеа со американската Влада, овој Договор е всушност одлука на Македонија, рече сенаторот Џонсон, кој е коспонзор на Резолуцијата на Сенатот на САД за поддршка на Договорот од Преспа.