Шешељ одбива доброволно да се врати во Хаг на изрекување на пресудата


Обвинетиот во Хаг за воени злосторства во војните во поранешна Југославија и челник на Српската радикална партија (СРС), Воислав Шешељ, потврди во четвртокот дека е покрената постапка за негово предавање на Меѓународниот суд за воени злосторства на територијата на поранешна СФРЈ, и порача дека ќе ја почитува судската процедура во Србија, но дека доброволно нема да замине во Хаг.seselj2

На редовната прес-конференција на неговите радикали, Воислав Шешељ изјави дека му е предадена судска покана да, по налог на Жалбениот совет на Хашкиот трибунал, на 10-ти март, како обвинет да се појави пред Вишиот суд во Белград.

„Ќе се одзвам на поканата. Нема да бегам, ниту да се кријам, но нема да одам доброволно во Хаг. Ќе се повикам на Европската конвенција за човекови права, на правото на правично судење, правото на судење во разумен рок и правото самиот да се бранам“, изјави Шешељ пред новинарите.

Хашкиот трибунал претходно од српските власти побара да обезбедат присуство на Шешељ при изрекувањето на пресудата, закажана за 31-ви март.

Шешељ истакна дека, доколку владата на српскиот премиер и негов поранешен партиски колега Александар Вучиќ, одлучила да го предаде на Хаг, ќе пружи пасивен отпор и дека Српската радикална партија, без оглед на тие околности, ќе учествува во предизборната кампања за вонредните парламентарни избори, кои најверојатно ќе се одржат на 24-ти април.

„Верувам дека Александар Вучиќ е на тешки маки, бидејќи е свесен што за него би значело доколку ме предаде на Хаг. Тоа би била дамка којашто би го ставила во редот со (Борис) Тадиќ, (Зоран) Ѓинѓиќ, (Зоран) Живковиќ и другите кои ги предаваа Србите на Хаг“, изјави Шешељ.

Најави дека СРС на 24-ти март ќе одржи митинг на Плоштадот на републиката во Белград, а ќе го нарече „Бунт против режимот на Вучиќ“.

Хашкиот трибунал, Воислав Шешељ, кој доброволно се предаде на 24-ти март 2003 година, го судеше по обвинение за прогон на несрпското население на политичка, расна и верска основа, депортација и нехумани дела и злосторства против човечноста над Хрватите и Бошњаците во Хрватска, Босна и Херцеговина и во српската северна покраина Војводина, во периодот од 1991 до 1993 година. Во притворот на хашкиот суд беше до ноември 2014 година, кога привремено беше ослободен поради здравствени причини, со обврска за Србија на барање на Трибуналот да ги испорача за изрекување на пресудата.

Обвинителите во завршниот збор во март 2013 година за Шешељ бараа затворска казна во траење од 28 години, а Шешељ, кој се бранеше самиот со логистичка поддршка на правен тим од СРС, бараше ослободителна пресуда.

Пред да биде пуштен на привремена слобода, на Шешељ во болницата во Хаг му беше дијагностициран тумор на црниот дроб, а на 12-ти ноември 2014 година, по речиси 12 години се врати во Србија поради влошената здравствена состојба. По доаѓањето во Белград изјави дека не бега, но и дека нема доброволно да се врати во Хаг, каде што ниту по 11 ипол години, колку што траеше судскиот процес, сé уште не е изречена пресуда по обвинението за воени злосторства.

Во меѓувреме, по интензивната терапија, Шешељ кон средината на јануари 2015 година тврдеше дека му се запрени метастазите на ракот на црниот дроб, како и дека тој сега е „најздравиот на српската политичка сцена“.

Политичките коментатори оценуваат дека неговата Српска радикална партија (СРС) на претстојните предвремени парламентарни избори со партиите од корпусот на десницата и евроскептиците, би можеле да го минат изборниот праг и да се вратат во парламентот по тешките изборни порази откако од радикалите се издвоија претседателот на Србија Томислав Николиќ и премиерот Александар Вучиќ и ја формираа сега владејачката Српска напредна партија (СНС).

Share Button
MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1