Патничко моторно возило управувано од осомничениот, жител на Куманово кој бил видно под дејство на алкохол, удрило во двајца полициски службеници. Од тежината на повредите на лице место еден од полициските службеници починал. Возачот потоа продолжувајќи со управувањето со возилото удрил во друго патничко моторно возило во кое биле три лица и на сите им нанел телесни повреди. Возилото продолжило со движење, но од брзината и ударите се превртело, при што и возачот се здобил со телесни повреди. Сите повредени лица се згрижени во медицинска установа и им се укажува помош, се наведува во соопштението од Јавното обвинителство.
Полицаецот В.Ц. е женет и татко на 6-годишно дете. Важел за професионалец и бил назначен за ментор на полициските практиканти. Вчера тој заедно со 27-годишен полицаец практикант бил на повик на поплака од граѓанин во кумановската населба Ајдучка Чешма. Откако ја завршиле задачата се движеле кон возилото, но ги покосил возачот со мерцедес, објави Телма.
Телеграма со сочувство до сопругата и детето на загинатиот полицаец упати министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.